„ЛАПНАЛЕ“ ПАРИ, АМА ТРУДОВИТЕ ГИ НЕМА Општина Кисела Вода во 2021 на хонорарци им поделила 44.000 евра
Кисела Вода во текот на 2021 година исплатила 44.000 евра по основ на авторски договори со 23 лица за кои не биле пропишани критериуми, а кои месечно заработувале надоместоци од 12.000 до 89.000 денари. Државниот завод за ревизија констатира дека овие пропусти се случиле во година во која на чело на Општината бил Филип Темелковски.
Над 2,7 милиони денари годишно биле трошени во Општина Кисела Вода за 23 консултанти, кои освен што требало да го советуваат градоначалникот, имале обврска да подготват и стручен труд на различни теми за што биле плаќани и до 89.000 денари.
Ова го покажува извештајот од ревизијата направена од страна на Државниот завод за ревизија, направен врз финансиските извештаи и сметката на основниот буџет на општината за 2021 година.
Кисела Вода во текот на 2021 година исплатила 44.000 евра по основ на авторски договори со 23 лица за кои не биле пропишани критериуми, а кои месечно заработувале надоместоци од 12.000 до 89.000 денари.
Во извештајот се посочува дека во ревизорскиот извештај се вршела проверка на работењето на општината и тоа додека градоначалници биле Филип Темелковски (до 26.10.2021 година) и Орце Ѓорѓиевски.
„Општина Кисела Вода во текот на 2021 година има исплатено вкупно 2.706.000 денари, по основ на авторски договори, склучени со 23 лица. Со извршениот увид во доставената документација ревизијата ги констатира следните состојби:
– дел од склучените авторски договори имаат за предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување на систематизација, план за организирање на културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање на активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго;
– од доставените извештаи на лицата кои биле ангажирани со авторски договор, утврдивме дека дел од нив воопшто не презеле активности во насока на креирање авторско дело согласно склучените договори (стручен труд) и дефиницијата утврдена во член 12 од Законот за авторското право и сродните права, туку истите преземале конкретни и повторливи дејства,
како работни задачи во рамките на општинската администрација и
– за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање, така и во поглед на стручните квалификации и компетенции кои би требало да ги поседуваат, не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и истите се движат од 12 до 89 илјади денари“, се вели во извештајот.
Во 2021 година, бројот на ангажирани лица по склучени договори и анекс договори се движи од 47 до 87, за што се исплатени средства во вкупен износ од 12.722.000 денари или околу 21.000 евра.
Со извршениот увид во доставената документација, ревизијата констатира дека Советот на Општина Кисела Вода нема донесено посебна Програма за јавни работи со која ќе се утврди постапката и критериумите за ангажирање на лицата, а поради отсуство на критериуми за утврдување на висината на надоместоците за извршената работа по однос на склучените договори, истите се движат од 8.000 до 15.000 денари месечно кај различни лица ангажирани за извршување на јавните работи.
Ревизорите откриле и дека се реконструирале и санирале локалните улици и патишта без подготвена проектна документација и издадено одобрение за градба.