Кој ќе им честита на жените кои што не се „двигатели“ и кои не маршираат на „фронтот“ и по кафеаните?
За да бидат „рамноправни“ со мажите, жените мора да бидат храбри, упорни, достоинствени и борбени. И да победуваат во традиционалното општество во кое доминира маскулинската надмоќност. А што со жените кои не се такви? Имаат ли тие право на рамноправност?
Идејата за дискриминација на жените и нејзината реализација во историјата почнува со диференцијацијата на двата пола со атрибутите кои ги опишуваат природните, физички разлики меѓу половите. Придавката силен обично е за мажите. Нежни и убави се жените. Дури и во денешно време, природните разлики меѓу половите се злоупотребуваат како оправдување на дискриминација на „понежниот“ пол.
Да биде апсурдот поголем, идејата за еманципација на жената низ некаква „фронтовска“ борба со „посилниот“ пол е манипулација по себе. Имено, според тој манипулативен дискурс, за да бидат „рамноправни“ со мажите, жените мора да бидат храбри, упорни, достоинствени и борбени.
Кога ги воспеваме тие особини кај жените, ние, всушност, пласираме и две крајно спорни тези: прво, дека мажите не мора да бидат ни храбри, ни упорни, ни достоинствени, а најмалку борбени, за да бидат „рамноправни“, бидејќи тие веќе се во историска предност; и второ, дека жените кои се плашливи, слаби и малодушни не заслужуваат да бидат еднакви со мажите, дури и со оние кои се исти такви како нив.
Тоа е таа манипулација што блика од денешната празнична еуфорија.
Жал ми е, но овие апсурди ги читам и во говорите и пораките на политичарите по повод Меѓународниот ден на жената. Во честитката на премиерот Димитар Ковачевски, на пример, читаме пофалби за жените кои „храбро“ и „упорно“ се борат за „економска, политичка и социјална еднаквост“ со мажите. И тоа „на сите фронтови“.
Кој и да е авторот од пи-ар бригадата на Ковачевски што се нафатил да ги напише тие неколку реченици во премирската осмомартовска честитка, тој или таа живее заробена во мачо-политиката и во мачо-културата од времето на афежето.
Со ова, се разбира, не сакам да кажам дека во Македонија не постои родово базирана дискриминација. Напротив. Впрочем, Ковачевски треба само да погледне околу себе и да преброи колку министерки има во неговата влада. Уште повеќе, да размисли кои од нив се навистина успешни жени, а не обични партиски послушнички.
Родово базираната дискриминација – уф, ја мразам оваа енџиоу фраза, ама еве ја напишав по втор пат – не се совладува со пропагандни пораки и со „битка“ на празничните „фронтови“. А рамноправноста не треба да биде привилегија на силните, храбрите и на успешните, туку придобивка за сите.
Ова е многу важно, ова е клучна, пресвртна точка во разбирањето на рамноправноста меѓу половите и меѓу луѓето воопшто.
Денес илјадници жени во македонското општество со традиционални вредности се успешни и реализирани, наспроти доминантната култура што почива на маскулинската надмоќност. Браво за сите нив! Да им посакаме уште повеќе успеси.
Но, да сум на местото на Ковачевски – а тој е, нели, човек којшто ги сака сите жени и кому сите му се убави и успешни, вклучувајќи ги и дамите од другата страна на политичкиот фронт, кои повремено го вадат од такт – премиерската честитка би им ја посветил на оние другите жени.
Не, не на „ружните“. Такви нема.
Би им ја посветил на „слабите“ жени.
На оние што не можат да застанат „рамо до рамо“, бицепс до трицепс, со мажите. Или просто не сакаат.
На оние што – види чудо! – сакаат да бидат и мајки и баби. И нежни љубовници. И домаќинки, што умеат да замесат и леб, но не само кога мора, туку и тогаш кога ќе почувствуваат дека домашниот леб е благодет на трпезата, покрај веселиот џагор на децата.
Што е сега?
Ова ве нервира?
Што е, тие жени не се „двигатели на општеството“, што би рекол Ковачевски?
Тие не заслужуваат поголемо општествено внимание, почит и поткрепа?
Само затоа што не маршираат на 8 Mарт?
И не постираат фотки на Фејсбук и на Инстаграм? Срам да им е…
И затоа што после маршевите не одат во кафеаните на џингарлака прослави?
Кој ќе им го честита празникот на тие жени?