Евроскептицизмот и заштита на националното
Дали е соодветно користењето на изразот „скептицизам“ кога станува збор за критички гледишта на граѓани во однос на различни политички прашања? Токму затоа, иако поимот евроскептицизам најчесто означува оспорување на европскиот интеграциски пројект, сепак се сфаќа и како делумно чудно етикетирање на нарoднотo незадоволство.
Евроскептицимот, или ЕУ-непријателството, најчесто се дефинираше со повикување на закани што од Брисел доаѓаат против националната посебност. Националистите најгласно зборуваа за закани од европскиот проект против сувереноста на националните држави. Во последните години, пак, перспективата е изменета, така што европските националистички партии, преземајќи ја во својот двор приказанта за европскиот идентитет, сега го преместуваат тежиштето, или, подобро речено, избираат нова тактика, тврдејќи дека во ЕУ доминираат космполитски елити што ја продаваат европската култура. Парадоксалното, се разбира, е во тоа што во исто време либералите, социјалдемократите и конзервативците на повеќе места во Европа се повеќе ја губат вербата во европското.
Македонија долго време доживува силни удари врз заштитата на сопствената национална посебност, подјадена најпрвин со грчките притисоци за промена на името, а сега и со грубо блокирање на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија, преку отворени уцени за идентитетско и јазично „приспособување“ на историските „ревидирани“ реалности. Европската бирократија тоа упорно негирање на македонското национално и идентитетско опстојување главно го набљудува од дистанца, повторувајќи дека не постои подготвеност да се дозволи внесување на билатерални спорови во ЕУ.
Во Македонија, според најновите испитувања на јавното мислење, евроскептицизмот е во пораст. Во 2022 година за 20 отсто е намален бројот на граѓани кои сметаат дека членство во ЕУ е добра работа, во споредба со претходната година. Дури 65 проценти сметаат дека одност на ЕУ кон земјата е „нефер, надмен и уценувачки“. Во 2021 „само“ 48 проценти сметале дека е нефер. Има ли тој уценувачки однос директна врска со заштитата на националната посебност на Македонците како нација?
Нацијата, наједноставно речено, е суштината на национализмот, но утврдување на некоја прифатлива и оддржлива дефиниција за нација отсекогаш претсавувало проблем. Националната идеја за социјална хармонија – нација во секоја држава, или држава за секоја нација – никогаш не се совпаѓа со општествената реалност. Македонија е типичен пример за тоа, но не е и единствениот пример во Европа. Во спротивно, македонските разговори, или „преговори“, со Брисел, веројатно ќе беа поедноставни.
Британскиот социолог Роџерс Брубејкер го лансираше поимот за националистичка одбрана на европската цивилизација како „цивилизационализам“. Токму во духот на таа кованица националистичките партии во Европа пропагираат дека „нашите предци го созадел сето што е убаво зо западниот свет“. Кога ќе се погледне од таков агол, можеби станува малку појасно зошто претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, назначи комесар одговорен за одбрана на европскиот начин на живот.
Дали е тоа извесен допир на две донекаде слични идеи за Европа. Од една страна е евро-бирократската претстава дека европските институции, без оглед на тоа на каков начин ваков вид дискусии би се одвивале, на крајот сепак се потпираат врз заеднички европски вредности, за кои во секој случај одново се бара поддршка од Брисел. Од друга страна е евро-националистичката идеја дека европскиот начин на живот е загрозен од муслиманите, Арапите и космополитите и дека најефикасниот начин да се спречи тоа е европските националисти да направат заедничка кауза и да ги користат инструментите со кои располага ЕУ. Отпорите против проширувањето на ЕУ, и продлабочувањето на евроинтеграциите, наидуваат на сложени бариери во недефинираниот простор меѓу тие идеи.
Евроскептицизам како поим на најширок план го означува отпорот кон тековниот европски економски и политички интеграциски пројект, со Брисел и Стразбур како политички центри. Но овој поим е едновремено и проблематичен, отворајќи го прашањето дали е соодветно користењето на изразот „скептицизам“ кога станува збор за критички гледишта на граѓани во однос на различни политички прашања. Токму затоа, иако поимот евроскептицизам најчесто означува оспорување на европскиот интеграциски пројект, сепак се сфаќа и како делумно чудно етикетирање на нарoдноto незадоволство.
Меѓу македонските граѓани се зголемува скептицзмот за влез во ЕУ. Најмногу поради изневерените очекувања и предолгото чекање. Како што вели германскиот канцелар Шолц, ЕУ пред две децении им ветила на земјите од Западен Балкан и „сите мислеле дека овие земји ќе бидат членки во период од две до осум години, но 20 години подоцна тоа не се случи“. Во случајот со Македонија скептицизмот несомнено расте и поради молкот на Европа пред засилените притисоци и негирања на кои е изложена македонската национална посебност.
Прашањето за националната кохезија не може а да не биде важно, без оглед на каков начин ќе се разговара околу него, и без оглед на тоа дали одговорите што ќе се понудат на тоа прашање некој ќе ги сфати како проблематични. Освен инситирање на нештата што го сврзуваат националното ткиво – начин на живот, култура, мислења, вредности, јазик, – на националната заедница ù се неопходни и посилни колективни сеќавања.
Една нација не може да се сведе само на прост збир на поединци кои во моментот имаат исто државјанство, ниту пак може да се сумира само како збир на сите државни институции. Нацијата е сето тоа, но едновремено е и нешто повеќе. Таа е приказна. Или уште порадикално кажано – нација не постои додека некој не ја напише нејзината историја, зад која потоа цврсто, без двоумење, ќе стои, и ќе ја брани.
Европските популистички и националистички партии ќе продолжат со напорите за преземање на приказната за заеднички европски идентитет под своја закрила, – без оглед што тоа подразбира, – но само до таа критична точка што би претставувала сериозна закана за нивната национална сувереност. Бидејќи, во интегрирана Европа нациите ја внесуваат токму својата посебност.