ГО ПОЧНА МАНДАТОТ СО ЛАГА Обвинителот Абази имал цел албум со фотографии со функционери на ДУИ (ФОТО)
Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него, изјави денеска во првото појавување во јавноста, новиот шеф на Обвинителството, Ислам Абази.
Во јавноста протекоа фотографии на кои може да се види новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, во друштво со членови на политичката партија ДУИ, со што падна во вода неговата изјава дека не го познава лидерот Али Ахмети и членовите на оваа партија.
Откако тој јавно пред новинарите изјави дека немал лични контакти ниту со лидерот на ДУИ Али Ахмети, ниту со друг функционер од ДУИ, на социјалните мрежи испливаа негови фотографии со високи функционери од редот на интегративците.

На едната фотографија се гледа новоизбраниот шеф Абази со Фихри Ахмети, брат на Али Ахмети, во опуштена домашна атмосфера, додека на друга тој е фотографиран со Невзат Бејта, член на ДУИ, експратеник и ексградоначалник на интегративците. На трета, пак, е во друштво со Дилавер Бектеши, обвинител од Кичево и истакнат член на ДУИ.


На денешната прес-конференција новоизбраниот шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква и колкава е неговата блискост со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што потекнуваат од исто село, рече:
– Никогаш не сум бил член на политичка партија. И во моето досегашно работење никогаш не сум оставил впечаток дека јас сум имал некакви релации или позиции со политички партии. Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него – изјави Абази.
– Колегите во мене препознаа човек кој ќе биде успешен и праведен. Им благодарам – рече претпладнево Абази, кој попладнево со фотографии беше демантиран во неговото тврдење.