Затворен кабинет
Која е и каква е оваа (не)култура што ја промовираат македонските функционерски структури? Каков е тој (квази)елитизам што ни го продаваат претседателот на државата и неговите советници, а премиерот со влечкањето на македонски реномирани музичари по некакви вински саеми? Како што се гледаат тие себеси, како патрони на уметноста?
или
Eine kleine Ausstelung
Дали форсираното замолчување на клучните државни институции и воведувањето на насилничката политика на деспотско владеење со нив низ (уште еден) скандал на претседателот на собранието значи дезавуирање и на другите институции, на пример оние во културата? Не, не значи, тие одамна – речиси деценија и половина – се постапно разнебитувани и самоуништувани, што речиси и не постојат. Или постојат само формално, колку вработените да земаат плата. И за тоа сум пишувал често, и многу, и си станав здодевен (и) себеси.
И, како по правило, за тој културоцид ги обвинував властите, сите со ред, бидејќи, во основа, тоа е нивна вина, исто како и колапсот во здравството, образованието, науката итн. И тоа е факт, како што е факт и дека грото македонски високи функционери ниту еднаш во нивниот мандат не го изговориле зборот култура, уште помалку сме ги виделе на некој културен настан, освен ако тоа не било под принудата на протоколот. И тоа секогаш ми претставувало енигма: зошто? Како може современ, наводно цивилизиран човек во текот на својот живот да не влезе во музеј, да не види изложба, да не прочита книга…?
Го добивам(е) ли одговорот на таа енигма низ последниот амблематично скандалозен пример на изложба во Кабинетот на претседателот на државата? И тоа изложба организирана токму по повод 31 година независна македонска држава, небаре Скопје нема музеи, нема галерии, нема културни простори за нешто такво?
И не каква било изложба, туку поставка наречена „Зад Македониумот“ – скици, цртежи, фотографии и макети од личната колекција на Јордан и Искра Грабулоски, автори на можеби најимпозантниот споменик кај нас, симболот на македонскиот отпор но и автентичен симбол на мајсторството на овие автори во споменичката пластика. Македониумот во Крушево несомнено е тоа, и повеќе: едно од малкуте македонски репрезентативни уметнички остварувања со висока репутација во светот!
Сака ли (и) овој крајно невкусен потег да ни каже дека на македонските политичари културата треба да им ја презентираме во нивните „одаји“, низ приватни поставки, среде нивното „опкружување“ и меѓу избраните повластени малубројни гости? Нема ли право и македонскиот граѓанин да види таква изложба за Македониумот, особено по повод Денот на независноста, или мора претходно да се најави, легитимира и да чека да му биде дозволен пристап преку некаков си „#ОтворенКабинет“? И зарем толкубројниот претседателски кабинет, сосе претседателот на државата во него (малите букви се одраз на неговото реноме), не разбираат дека всушност добиле – Затворен кабинет?
Која е и каква е оваа (не)култура што ја промовираат македонските функционерски структури? Каков е тој (квази)елитизам што ни го продаваат претседателот на државата и неговите советници, а премиерот со влечкањето на македонски реномирани музичари по некакви вински саеми? Како што се гледаат тие себеси, како патрони на уметноста? Па така – како мецена – себеси се гледаше и криминалецон во Будимпешта! И сето тоа се случува пред министерката за култура со нејзиното немо присаство на такви простачки церемонии, па и екс-министерот Алаѓозовски, како министер во чие време беше подготвена Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година?
И за што се залага(ше) таа стратегија? За вакви умислени властелински собиранки или за достапност на културата до сите граѓани? За квазиелитистичко изживување на политиката врз културата или за ослободување на културата од политиката? Не говори ли таа стратегија за визија за демократска, слободна, динамична култура заснована на рамноправен пристап и учество во културата како основно и неприкосновено човеково право? И за професионализација, институционална и вонинституционална автономија, департизација и децентрализација во дејствувањето во социо-културниот контекст? Тоа ли е оваа „изложба“?
Ќе биде ли таа преседан-изложба пример за воведување на строго контролирана култура, култура на најавувања и безбедносни проверки, на лични карти и матичини броеви при влезот во културните институции? И според чии критериуми ќе се вршат тие проверки? На „службите“? Ова ли е таа социјалдемократска „култура“ за којашто се залага оваа власт и нејзините првенци?
Филмчињата за сопствената важност и големина, а во коишто очигледно се влезени највисоките државни функционери, можат да бидат само нивни лични – за дома, во семејството и др., но не и наши, уште помалку државни, а најмалку културни. Зашто тие, и оваа „изложба“, не само што немаат допирни точки со културата, туку го претставуваат нејзиното најгрдо лице, чиста нејзина антипропаганда. Нивните лични комплекси и фрустрации, особено во однос на културата, не можат да бидат заменувани со приватни/приватизирани културни настани, без оглед на нивото на нивната функција.
И впрочем, што ќе биде следното? Ќе ја качуваат и Филхармонија да им свири Eine kleine Nachtmusik додека вечераат или се шеткаат низ паркот во вилата, ќе посакаат ли да им доаѓаат и венцоносците од Струга да им читаат поезија, или лауреатите од некој филмски фестивал да им организираат приватни проекции? Каква е оваа дрскост, и безобразие?
Кралицата Викторија можеби имала такви свои „моменти“ во Кралската академија за уметност, Елтон Џон и неколкумина други светски поп ѕвезди можеби ѝ свиреле лично на Елизабета Втора во Бакингемската палата, но тоа е сепак нивен проблем, не наш. По европските кралски одаи се шуткале минстрели и театарски групи, се вдомувале и врвни сликарски имиња…, но тоа ли ќе биде нашиот нов културен модел? И со што и Македониумот заслужи да биде „десерт“ – што би рекло она човечено – за неколкумина „помазани“ од претседателот на државата? Нив им пречи вообичаената културна јавност, публиката, гужвата (R. Rodriguez), тие сакаат да ужуваат во ексклузивноста, (квази)елитизмот, себедоволноста/егоцентризмот…, што ли?
Единствената вистинска култура денес во цивилизираниот свет е културата на хуманизмот (Michael M. J. Fischer), таа е релациска, нема „комфорни зони“ и „затворени кругови“. Македонската култура го гради овој концепт веќе седум децении. Но тој концепт одамна е подјаден, особено последниве петнаесетина години, и тоа токму од последните два режими: заробената држава и хибридниот режим. Јавното го поистоветија со приватното, партиското со државното, you name it.
П.С. Можеби требал Затворениот кабинет да го отпечати и дели на присутните текстот на Alice-Azania Jarvis How to behave at a private view…, за да знаат „помазаните“ како да се однесуваат во оние нови (не)културни услови?
Извор: Теодосиевски уметност