АКО НЕМА РЕФЕРЕНДУМ, ЌЕ ИМА ТОТАЛНА БЛОКАДА Апасиев вели дека не е логично напуштање, туку блокирање на Собранието
Напуштање на Парламентот нема никаква логика, тоа е романтичарски. Не заборавајте дека сите штетни закони во приватизацијата се донесоа кога ДПМНЕ не беше внатре во Собранието, изјави лидерот на Левица синоќа во „Само интервју“ на Канал 5.
Тотална блокада на Собранието е една од опциите кои ги има партијата Левица ако не помине нејзината иницијатива за референдум, како што најави пратеникот Борис Крмов. Во синоќешното „Само интервју“ на Канал 5, лидерот Димитар Апасиев потсети дека партијата има искуство со блокади и дека Парламентот не смее да се напушти, бидејќи „сите штетни закони во приватизацијата се донесоа кога ДПМНЕ не беше внатре во Собранието.”
– Првото наше блокирање беше со Законот за државјанство, кој ние ефективно го блокиравме. Тоа беше Филибастер со зборување, каде што јас зборував долго на Комисија и тој закон не помина. Власта тогаш, преку заобиколување на Собранието, направи кривично дело и го протна со европско знаменце – изјави Апасиев и додаде:
– После тоа, сами двајцата блокиравме околу петнаесетина закони со секакви средства. Тука влегуваат и амандмански филибастер и филибастер со зборување, па дури Крмов кажа и физичко блокирање.
Апасиев прави разлика меѓу блокада и напуштање на Собранието.
– Напуштање на Парламентот нема никаква логика, тоа е романтичарски. Не заборавајте дека сите штетни закони во приватизацијата се донесоа кога ДПМНЕ не беше внатре во Собранието – вели лидерот на Левица.