ТРИ ВО ЕДНО Мицкоски предлага во еден ден да се одржат референдум, парламентарни и претседателски избори
На собирот во Смилево претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика да се одржат тројни избори, односно референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори.
Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ е новоформирана, но во себе ги содржи зрелоста, знаењето и традицијата кои треба да го водат ВМРО-ДПМНЕ низ сите бури и искушенија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Првата годишна конференција на Унијата на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ што попладнево се одржа во демирхисарското село Смилево.
На собирот насловен како „Чувајќи ја традицијата, создаваме иднина“, Мицкоски нагласи дека мудрост е да се слушнат „белите глави“, мудрите луѓе кои ги издржале најсилните удари на комунизмот и кои биле сведоци, современици, но и ороводци за самостојна, независна и суверена држава.
– Мудрост е да се имаат овие луѓе до себе и да се користи нивното животно и политичко искуство. Јас секогаш ќе се инспирирам од нивната несмалена енергија и желба за борба за нашата заедничка мајка Македонија. Би рекол татковска, искрена и пламенита љубов за светите букви ВМРО – истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на собирот во Смилево потсети дека негова била идејата за формирање на Унија на Ветерани која со новиот партиски Статут е реализирана.
– Нашата заложба е, чувајте ја традицијата – да ја градиме иднината. Традицијата е систем на вредности кои ги издржале најсилните удари врз темелите. А, дел од тие темели е славното Смилево, местото колевка на еден од најсилните македонски синови, еден од основачите на ВМРО и прв генерален секретар Дамјан Груев. Борбата за вредностите, слободата, сувереноста и татковината е еден синџир кој поврзува периоди, времиња, порази и победи, луѓе обединети, алка една во друга кои заедно формираат силен синџир кој ако опстои значи дека каузата била исправна и праведна – рече меѓудругото Мицкоски.
Пред членовите на ВМРО-ДПМНЕ и гости на партискиот собир во Смилево, партискиот лидер Мицкоски порача дека време е за борба против неправдите.
– Пред такво искушение сме денес кога народот треба на референдум да одлучува дали е за или против Договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија – нагласи Мицкоски и побара максимална мобилизација на членството за успех на најавениот референдум што го иницира ВМРО-ДПМНЕ.
На собирот во Смилево претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика да се одржат тројни избори, односно референдум, предвремени парламентарни и предвремени претседателски избори.
– Еве повторно ќе кажам, одлична можност ќе биде референдумот да на истиот ден организираме не двојни, тројни избори и предвремени парламентарни и предвремени претседателски бидејќи Стево Пендаровски одамна го изгуби приматот на татко на народот на Македонија. Ајде охрабрете се да ве видам, господа од власта ако сте толку силни, немојте да се криете позади некакви агенди. Излезете поддржете го референдумот, како ќе се одлучи народот така сите заедно ќе постапиме. Ајде да видиме каде треба да оди ова наша Македонија – порача Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, покажува разлика од СДСМ.
– Тоа се два посебни света. Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во едни тешки услови на кочења и опструкции реализираат огромен број на проекти. Тие мора да продолжат да работат одговорно и за граѓаните. И не ги заборавам оние писма со пораки и обврски за чесно и доследно работење кои јавно ги соопштував при нивното кандидирање и пред добивањето на огромната доверба од народот на локалните избори. Не се опуштајте и никогаш да не го разочарате народот. Работете напорно и бидете посветени најмалку по 13 -15 часа на работа во текот на денот. Секогаш продолжете да бидете достапни до реалните луѓе и да решавате колку е можно повеќе проблеми. Иако знам дека тоа се нови, чесни и квалитетни луѓе сакам да бидам јасен дека грешки нема да толерирам и било кој градоначалник кој нема да ја реализира програмата јавно ќе соопштам дека ја нема поддршката. А секој оној кој се труди и работи ќе ја има довербата од мене и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ – истакна лидерот на опозицијата.