НЕКОИ ТРГОВЦИ ГИ ПОКАЧИЛЕ ЦЕНИТЕ И ДО 70 ОТСТО Бектеши вели дека до крајот на неделата ќе се одлучи за евентуално ново замрзнување
Министерството за економија заедно со институциите до крајот на неделата ќе донесат одлука дали ќе преземат дополнителни мерки меѓу кои и евентуално повторно замрзнување на цените на некои од основните продукти, објасни министерот Бектеши. Според него, одредени трговци кои имаат монопол на пазарот за одредени прозводи ги зголемиле цените од 50 до 70 отсто на грбот на граѓаните. Тој вели дека инспекторите ќе излезат на терен да проверат дали цените вештачки се зголемени.
Одредени трговци драстично ги зголемија цените на основните прехранбени производи кои претходно со одлука на Владата имаа замрзнати маржи и намалено ДДВ. Овие трговци имаат монопол на пазарот за одредени производи и по завршување на мерките цените се зголемија за 50 до 70 проценти, изјави министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во емисијата 24 Анализа.
– Не помина ниту една недела каде одредени производи се зголемија, но тоа е само во делот на тестенините и на некои други производи. Кај маслото за јадење и други производи вратен е само процентот од делот на ДДВ. Ќе донесеме заклучок за сите инспекторати да излезат на терен и да проверат дали цените вештачки се зголемени. Има одредени компаниии кои вештачки ги зголемиле цените над 50 отсто па дури и до 70 отсто со цел да ја искористат ситуацијата на грбот да граѓаните. Не сакаат да се откажат од ниту еден процент во делот на профитот – рече тој.
Министерот кажа дека заедно со надлежните институции, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи се анализираат податоците со цените.
– Доколку овие трговци сами не ги вратат цените со нормални маржи тогаш повторно ќе донесеме непопуларни мерки, се со цел да го заштитите стандардот на граѓаните – кажа министерот и потенцираше дека до крајот на неделата во координација со Коморите, трговците и производителите ќе се донесе одлука дали и какви мерки ќе бидат донесени.
-Во координација со сите Стопански комори беше донесена одлука мерката за замрзнување на цените на производите да не се продолжи после 1 јуни, за да се остави пазарот сам да ги одреди цените. Но, доколку утврдиме дека има злоупотреби и манипулации тогаш ќе реагираме веднаш – кажа Бектеши и потенцираше дека Ребалансот на буџетот е веќе во собраниска процедура, штом ќе биде донесен ќе креираме нови мерки согласно потребите и на граѓаните за да се зибегнат големи ценовни шокови.