РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА СТРУЈА НА ЕВН ХОМЕ Која цена ќе понуди ЕСМ на оваа набавка?
Изборот на компанија којашто ќе ги обезбеди потребните количини на електрична енергија ќе се врши на 24 овој месец.
ЕВН Хоме го објави тендерот за набавка на струја за потребите на домаќинствата за периодот од 1 јули до крајот на годината. На овој тендер по правило се очекува да се јави и домашниот произведувач на струја ЕСМ кој треба понуди одредена количина на струја, а од цената која ќе се постигне на овој тендер ќе зависи и крајната цена на струјата што ќе ја плаќаат домаќинствата од 1 јули.
Изборот на компанијата или компаниите коишто ќе ги обезбедат потребните количини на електрична енергија ќе се врши на 24 овој месец.
ЕСМ според Законот за енергетика треба да обезбеди 65 отсто од потребите на ЕВН Хоме, но се очекува да се обврзе дека ќе обезбеди 100 отсто од потребните количини како што бара Регулаторната комисија за енергетика.
Пред последното зголемување на цената на струјата во јануари, ЕВН Хоме беше принудена да распишува два огласи бидејќи ЕСМ подолг период калкулираше која цена да ја понуди за универзалниот снабдувач. На вториот тендер во декември лани ЕСМ успеа да понуди 100 отсто од струјата за потребите на Универзалниот снабдувач, по цена од 41 евро за мегават час.
Според методологијата од цената која ќе биде постигната на овој тендер најмногу ќе зависи, колку ќе плаќаат граѓаните до крајот на годината бидејќи таа учествува со 33 отсто во крајната цената на струјата која ќе ја плаќаат домаќинствата.
Одлука за новата цена на струјата Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе до крајот на месецов, со важност од 1 јули до 31 декември.