Јован ни одржа лекција на сите!
Очекувам да се интегрира ПОА во МПЦ-ОА во најбрзо време. Очекувам владиците да си добијат епархии, свештениците парохии, монасите манастири… Очекувам за многу скоро време верниците од ПОА да се причестуваат во храмовите заедно со верниците на МПЦ-ОА. Ако се случи сето ова, тоа значи дека има покајание. А радоста ќе биде неизбежна!
Мартин, брате, убаво што те видов, те молам кажи ми какво е расположението во Скопје по историската одлука за помирување на црквите?
Ова, со срце полно надеж, со сјај во очите и со детска насмевка на лицето, беше првата работа за којашто ме запраша архиепископот Јован по вчерашната заедничка помирувачка литургија помеѓу архијерејите на СПЦ, МПЦ-ОА и на ПОА во храмот „Свети Сава“ во Белград.
Ништо друго не го интересираше. Беше најљубопитниот и истовремено најрадосниот човек на светот. Не го поместуваше погледот. Занемари сѐ што се случуваше околу него. Очекуваше одговор по секоја цена.
– Се смируваат духовите, стивнуваат злонамерниците – кратко му одговорив.
Ликот му се смени. Бликна уште поголема радост. Почна задоволно да се смее и да му благодари на Бога. Како да сум му ја соопштил најважната информација на светот. Како да сум му кажал дека Македонија е светски шампион во фудбал. Како да сум му рекол дека сме победиле на Евровизија, дека сме освоиле „Оскар“, дека сме влегле во ЕУ, дека…
Но, за него, расположението кај верниот народ во Македонија беше поважно од сѐ. За него, заедничарењето со браќата од МПЦ-ОА беше освојување на сите светски трофеи. За него, повлекувањето и покајувањето на злите јазици во земјава беше најголемиот успех. За него, затворањето на долгогодишниот црковен проблем беше повреден од најзлатниот медал што би можел да висне на нечиј врат. Едноставно, тој има љубов за сите нас. Тој не е човек како нас.
А сетете се низ какви само маки и премрежја помина Јован и неговите приврзаници од Православната охридска архиепископија (ПОА) во изминатите две децении. Сетете се на сите неправди, протерувања, приведувања, судења, притисоци… Сетете се на катакомбните услови во коишто служеа и живееја архијерејите на ПОА. Сетете се на сите малтретирања, следења, контролирања и маргинализирања со коишто се соочуваше верниот народ на досега единствената канонска православна црква во Македонија.
На сето ова многу добро се сеќава и Јован. Глупаво би било да помислиме дека заборавил, зарем не? Но, сепак, тој одлучи да го сврти другиот образ. Тој, вчера, по заедничкото причестување, јасно даде до знаење дека им простува на своите браќа. Тој рече дека повеќе се радува на помирувачкиот ден отколку на денот кога во своите раце го примил Томосот за автономија. Тој ги закопа секирите. Тој свесно во вода фрли половина од своето здравје и две децении од својот живот, ама од друга страна, пак, доби многу повеќе.
Верувам дека со враќањето во единството се вратила и мудроста кај владиците на МПЦ-ОА. Оти, бадијала е единството без покајанието. Се надевам дека и некој таму, во раководството на црквата, искрено го цени потегот на Јован и во него гледа брат.
Се надевам дека сега, откако црковниот проблем веќе е минато, лесно ќе се изнајдат решенија за административните прашања. Се надевам дека нема да има оштетени страни. Се надевам дека нема да има условувања за расчинување владици. Дека нема да има повици за присилни пензионирања. Дека нема да има заткулисни игри и некултурни шепотења во друштво.
Очекувам да се интегрира ПОА во МПЦ-ОА во најбрзо време. Очекувам владиците да си добијат епархии, свештениците парохии, монасите манастири… Очекувам за многу скоро време верниците од ПОА да се причестуваат во храмовите заедно со верниците на МПЦ-ОА.
Ако се случи сето ова, тоа значи дека има покајание. А радоста ќе биде неизбежна!