КАНАДА ГИ ОЛЕСНУВА ГРАНИЧНИТЕ МЕРКИ Од владата најавија промени на правилата за влез во земјата
Овие промени се можни не само затоа што го поминавме врвот на сојот омикрон, туку затоа што Канаѓаните низ целата земја ја слушаат науката и експертите, вели министерот.
Канадските власти денеска соопштија за олеснување на проверките и правилата воведени поради ковид-19 за патниците кои пристигнуваат на нејзините граници, а исто така нема повеќе да се бараат ПЦР тестови.
– Објавувам денеска дека ги олеснуваме нашите гранични мерки – изјави канадскиот министер за здравство Жан Ив Дукло на прес-конференција.
Според него, „овие промени се можни не само затоа што го поминавме врвот на сојот омикрон, туку затоа што Канаѓаните низ целата земја ја слушаат науката и експертите, ги почитуваат мерките за јавно здравје и преземаат чекори за да се заштитат себеси, нивните семејства и нивните заедници“.