ОЛИМПИЈАДА БЕЗ РУСКО ЗНАМЕ И ХИМНА Кој ги бојкотира игрите во Пекинг?

Додека САД бојкотира, а Кина ги преупреди своите спортисти да не „зуцнат“ за човековите права за Ујгурите или за ситуацијата во Тајван, Украина им нареди на своите спортисти да не се сликаат со Русите и да не зборуваат руски. Русите и годинава нема да го користат своето знаме, а наместо химна ќе слушаат концерт од Чајковски. Згора на сето ова, во Пекинг ќе има 100 отсто тенок вештачки снег, бидејќи времето е суво и нема врнежи. Во меѓувреме, расте бројот на заболени од коронавирус во главниот кинески град.

658

Русите нема да можат да го користат своето знаме и национална химна на претстојните Олимписки игри во Пекинг кои ќе се отворат утре. Наместо тоа на маичките ќе го носат симболот на тимот ROS, а како химна ќе ечи Пијано концертот број 1 од Петар Илич Чајковски, пишува РусијаДенес. Да, Русија има четиригодишна забрана за учество на олимпијади уште од скандалот со допинг од 2019 година, но колку има геополитика во оваа одлука? Во меѓувреме САД и некои западни земји решија „делумно да ги бојкотираат“ едни од најконтроверзните зимски игри до сега.

„Игри на геноцид“ дури беа наречени претстојните ЗОИ во некои западни медиуми. Над 200 хуманитарни организации повикаа на бојкот, па Американците на крај решија да не праќаат дипломати, туку само гледачи на трибините. Утре американскиот претседател Џо Бајден нема да се дружи со Владимир Путин и Кси Џинпинг на отворањето, кое пак може да биде јасна порака за Западот. Дека Кина ќе ја поддржи Русија во своите ставови во врска со можната војна во Украина.






Всушност, Кси лично го покани Путин да дојде и покрај тоа што 212 руски спортисти нема да можат да се гордеат со своите национални симболи. Американскиот бојкот нема да ги спречи двата лидери да ги отворат игрите и слободно да зборуваат. Во меѓувреме, постојат наоди дека Кина проба да им ги „затне муцките“ на сопствените спортисти, предупредувајќи ги да не зборуваат за тоа какви права имаат луѓето во Кина, како Кина ги третира Ујгурите, како ја укина демократијата во Хонг Конг, како ја потиснува Тибетската култура или за тоа што се случува во Тајван.

Згора на политиката и најавата дека украинските спортисти ќе одбијат да се сликаат заедно со Русите на бистата за медали, во Пекинг се забележани нови случаи на коронавирусот и покрај секојдневните контроли. Дополнително, времето е суво и нема воопшто природен снег, па спортистите ќе се снаоѓаат на 100 отсто вештачка и тенка покривка.

Olimpijada-peking
фото: твитер/принтскрин

Зошто Русија е “забранета”  на Олимпијадата во Пекинг?

Во декември 2019 година, на Русија ѝ беше изречена четиригодишна забрана од големи меѓународни спортски настани, вклучително и Олимпијадата. Светската антидопинг агенција (ВАДА) пресуди дека Русија манипулирала со податоците обезбедени од московската лабораторија.

Забраната подоцна беше намалена на две години по жалба пред Судот за спортска арбитража (CAS) во Швајцарија, нешто што Русија го сметаше за делумна победа, а сега ќе трае до 16 декември 2022 година. Всушност, Русите трчаа со натпис ROS и летоска во Токио, а во 2018 година на ЗОИ во Пјонгчанг со натписот ОАР – „Олимписки спортисти од Русија“.

Американските спортисти ќе бидат шпионирани преку мобилните?

ФБИ ги советуваше американските олимписки спортисти да не ги носат своите мобилни телефони во Пекинг и наместо тоа да носат телефони со СИМ-картички со ограничено времетраење, наведувајќи ја можноста за „злонамерни сајбер активности“, пренесува Н1.

Иако нема податоци за „какви специфични сајбер закани на Олимпијадата“, ФБИ додаде дека е важно спортистите да бидат „будни и внимателни во онлајн и дигитални средини“. ФБИ моментално има повеќе од 2.000 активни контраразузнавачки истраги за наводните напори на Пекинг да украде технолошки информации од САД, според директорот на ФБИ Крис Вреј.

„Кога ќе го собереме она што го гледаме во нашите истраги, едноставно нема земја што претставува поширока закана за нашите идеи, нашите иновации и нашата економска безбедност од Кина“, рече Вреј во претседателската библиотека на Роналд Реган во понеделникот.

 

Каде исчезна спортистката Пенг Шуаи?

Кинеските спортисти ќе се соочат со „Орвелова држава“ во Кина и би можеле да се стават во опасност ако зборуваат за поддршка на муслиманите Ујгури, рекоа групите за заштита на човекови права и спортисти.

Јакиу Ванг, истражувач во Кина за Хјуман рајтс воч, рече дека исчезнувањето на тенисерката Пенг Шуаи е „добар показател за тоа што би можело да се случи“ доколку спортистите зборуваат.

„Кинеските закони се многу нејасни за злосторствата што можат да се користат за гонење на слободата на говорот на луѓето“, рече таа. „Луѓето може да бидат обвинети за собирање кавги или предизвикување проблеми. Има секакви злосторства кои можат да се израмнат со мирни, критички коментари. А во Кина стапката на осудите е 99 отсто“.

Украинските спортисти да не зборуваат руски

И Украина има свои стравови и амбиции за ЗОИ во Пекинг. Украинските власти ги советуваа своите спортисти да се обидат да „избегнуваат социјални интеракции“ со руските колеги. Тоа би значело дека не прават заеднички фотографии. Украина, исто така, наводно побарала од своите спортисти да не зборуваат руски за време на интервјуата со медиумите, пишува Њузвик.

Украинците и Русите се гушкаат на фотографии уште од летоска на ЛОИ во Токио. Тогаш украинската олимпијка во скок во височина Јараслова Махучих, бронзената медалистка која исто така е и наредник во армијата, беше забележана како ја прегрнува Русинката Марија Ласицкене, олимписката шампионка.

Украинските функционери од највисоко ниво веднаш свикаа состанок со Јараслова. Заменик-министерката за одбрана на Украина, Ана Маљар, ја нарече прегратката на спортистот од нејзината земја со руска ѕвезда „невнимателно однесување“ и можеби начин руското разузнавање да се инфилтрира во украинската војска.

Но, портпаролот на руската војска ја отфрли идејата за такво нешто.

„Нашите спортисти покажуваат (пристап) од светска класа, демонстрирајќи чист спорт без политика и интриги“, рече Марија Захарова од руското Министерство за надворешни работи.

Има бојкот, ама нема снег?

Бојкотирани или не, Зимските игри ќе започнат утре во Пекинг. А можеби најголем проблем е тоа што во Пекинг нема снег, па ќе мора да се користи 100 отсто вештачки снег, нешто што може да ја загрози климата и почвата во Жанѓијаку, местото каде ќе се одржуваат трките во скијање, крос-кантри, скијачки скокови и сноуборд. Иако температурите паднале и до 17 степени, климата е сува, па нема снег.

– Количината на вода е извонредна. На оваа Олимпијада очекуваме да се искористат 185 милиони литри вода – и тоа ако работите одат добро. Значи, ако имаат неколку топли денови и треба да создадат малку дополнителен снег за да го надополнат и надоместат малку топењето за време на игрите, би можеле да видиме дека тој број се искачува над 189 милиони литри-вели Медлин Ор, спортски екологистка од Универзитетот Лафборо, во интервју за Гласот на Америка.

Поврзани содржини