Прогрес и/или пропаст
Зарем навистина „македонското прашање“ – еден таков мал и во суштина безначаен феномен – може сериозно да се трансформира во Сизифов камен, во проблем за една Европска Унија, на пример, па дури и на САД?
Македонското актуелно „опШество“ како едно среќно (мултиетничко) семејство, каде едни се сепак посреќни од другите а оние поблиску до врвот се дефинитивно најсреќните, не е нешто несекојдневно или невообичаено и невидено низ историјата, но многу помалку е толку среќно како што (сака да) изгледа. Матрицата што ја живееме се чини дека треба и сите нас, непоправливо сомничавите, непрогресивните и расипувачите на забави, да нѐ убеди дека ние де факто и не сме свесни колку сме среќни, колку ни е убаво и колку целата држава прогресира кон (недофатливата) Европска Унија. Тоа е, всушност, задачата на онаа друга групација внатре во семејството, онаа на спротивната страна на „критизерите“ и „незадоволниците“, а којашто, признавам, си ја одработува задачата речиси без грешка. Секој дува на свој начин: некој најпростачки, друг (квази)научно, трет божем ex cathedra…, а сите заедно во онаа гигантска вувузела од којашто излегува актуелната магла како привид за состојбите во македонското „опШество“ и успесите на здружената политика. Ако, се разбира, повеќе верувате во бајки отколку на сопствените очи. Апропо, видете што направи оној Стоилковиќ за прославата на Св. Сава. И како сите „достоинствено“ седат во тој привид, во тој театар на апсурдот.
Хана Арент, во предговорот на првото издание на нејзината книга „Потеклата на тоталитаризмот“ (1951) вели: „Никогаш нашата иднина не била понепредвидлива, никогаш не сме биле толку зависни од политичките сили на коишто не може да им се верува дека ќе ги следат правилата на здравиот разум и личен интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило, ако се цени според стандардите на другите векови. Тоа изгледа како светот да се поделил помеѓу оние кои веруваат во човековата семоќност (кои мислат дека сѐ е можно ако знаете како да ги организирате масите за тоа) и оние за кои беспомошноста станала главното искуство во нивните животи“.[1] Таа го напишала овој предговор во 1950-та година, а како да е напишан – вчера. Не само за светот, туку особено за Македонија! Замислете што сѐ би можела да напише денес, кога би можела да нѐ види од некоја страна?!
Не можете да не се запрашате – зарем навистина политичките матрици не се смениле во светот повеќе од седумдесет години? Но, едновремено, не можете а да не се потсетите и дека ние сепак не функциониравме на овој начин пред две, три, пет децении, дека и политиката (барем) заличуваше на сериозна и одговорна работа, дека политичарите се однесуваа поинаку, дека…
Од друга страна, секој ден реалноста нѐ потсетува дека извештаите и ставовите на меѓународната заедница речито ја одразуваат суштината на етикетата добиена во 2017 година, дека ние веќе петта година не правиме ништо да се ослободиме од таквите придавки, дека всушност само ја надополнуваме лепезата на марифетлуци и матрици како да се прикрие неспособноста, неукоста, нестручноста, коруптивноста… итн.
Почнавме премногу да заличуваме на дефинициите во социолошките и политичките учебници во делот на авторитарното владеење, на непотизмот, на кронизмот, на партократијата. Кај нас сѐ изгледа некако налудничаво и лекомислено, токму како нашето посакувано војување со Русија. Или како нашите „преговори“ со Бугарија! Нашата животна матрица по правило е поставена помеѓу Прогресот и Пропаста (како што велеше Арент), но второто ни е секогаш поблизу, ни виси како Дамоклов меч на вратот. Целата македонска реалност е само празноверие втемелено во шарлатанските верувања на политичките лидери, на нивната катастрофална неукост и подложност на манипулации, на нивната некомпетентност и недостаток на визии за државата којашто се нафатиле да ја водат. Затоа и нашата политичка матрица е толку непрепознатилива за нормалниот човечки ум и речиси неупотреблива за разумни државни цели. Дали затоа и онаа (сепак малубројна) интелектуална јавност се чини самопрепуштена на општествената дезинтеграција, на улогата на нем набљудувач на неразбирливите процеси и на некаква малоумна „историска неопходност“ којашто повеќе влече кон апатија, безживотност, нерационалност? Дали затоа таа молчалива јавност така свесно дефетистички го отфрла товарот на историската одговорност за иднината, препуштајќи ги клучните одлуки за државата на онаа аморфна политикантска маса? Дали отфрлањето на одговорноста, но и неразбирањето на важноста на мигот и улогата на интелигенцијата во судбинските процеси, води кон денешново интелектуално слепило за реалноста и приклонување кон политикантската матрица на розовоста на привидот, на симулакрумот?!
Современиот човек никогаш не бил поголем и посилен, доволно е силен да го предизвика и постоењето на универзумот во којшто живее. Зарем е можно само кај нас таа сила да се претвори во импотенција да се живее во модерно време, во неможност да се разберат современите процеси, да се согледа и собере силата за одржувањето на виталноста на државата? Зарем сите разумни матрици се потрошени во Македонија, или пак некој не сака да обзнани нови, поинакви, соодветни на 21-от век? Но и дали современите матрици навистина го бришат националното, идентитетското, чувствата на припадност кон една култура… како што „современиве“ македонски политиканти запнале да нѐ убедуваат?
Уште од 1945-та година наваму Македонија – иако како дел од една поголема држава – сепак била исправена пред бројни тоталитарни, автократски, недемократски предизвици и некако успевала да ги пребродува. Зарем од таа виталност на духот не остана ништо освен оваа политикантска багра? И уште еднаш ќе ја парафразирам Хана Арент (а во контекстот на нејзиното поставување на „еврејското прашање“): зарем навистина „македонското прашање“ – еден таков мал и во суштина безначаен феномен – може сериозно да се трансформира во Сизифов камен, во проблем за една Европска Унија, на пример, па дури и на САД? Дали не е време таа матрица на милениумскиот kurzschluss што го предизвикува оваа земја со тоа име да отиде во заслужена пензија, а ние, прво, да ги игнорираме таквите идентитетски игри, и второ, да се завртиме кон вистинските причини за нашите историски Сцили и Харибди во овие три децении? И ќе се појави ли, конечно, некој нов тип на политичар кој ќе наметне поинакви модели на практикување на политиката, на читање на историјата и совремието, на разбирање на меѓународните односи?
[1] Hannah Arendt, The Origins of Totalitarianism, Meridian Books, Cleveland and New York, 1958, (второ издание)
Извор: Теодосиевски уметност