ЗА 50 ЕВРА ЌЕ СЕ ЛЕТА ДО СОФИЈА? Бугарската компанија Гуливер ќе лета и за Њујорк
Компанијата планира да започне со летови не само од Скопје, туку и од другите аеродроми на Балканот, од Тирана и од Солун.
Директните летови меѓу Софија и Скопје, договорени од премиерите на Бугарија и Македонија, ќе ги обнови матичната стартап компанија Гуливер (GullivAir), а цената најверојатно ќе биде до 50 евра, објави бугарскиот портал Сега.
Трасата која двапати беше затворена бидејќи беше неисплатлива, всушност е дел од поголеми планови на компанијата. Уште во март минатата година, GullivAir доби официјална дозвола од американското Министерство за транспорт да оперира со чартер и редовни летови од ЕУ до САД. Во март или април годинава компанијата ќе почне да лета на директна линија Софија-Њујорк. ГуливЕр е овластен да лета директно до меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто, Канада.
Компанијата планира да започне со летови не само од Скопје, туку и од другите аеродроми на Балканот, од Тирана и од Солун за да обезбеди зафатеност од 335 седишта на нејзините три авиони „ербас А330-200“, кои ќе летаат до аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, првично двапати неделно, во среда и во петок. Така, дури и да се полупразни авионите на кратките линии од Балканот, ќе се гарантира исполнетост на директни летови преку океанот. За да имаат економска смисла во кратките летови, тие ќе се вршат со мали авиони – Гуливер има двомоторен европски АТР-72, а цената ќе биде до 50 евра.
Во моментов нема авиокомпанија која нуди директни летови од Софија до САД. Последниот директен лет на Балканот, кој полета за Њујорк, беше во 1999 година. Тогаш Федералната агенција за воздухопловство (FAA) им забрани на бугарските превозници да летаат до американските аеродроми, но во 2008 година оваа забрана беше укината.
Во моментов, GullivAir оперира само еден редовен лет до Бургас и неколку директни чартер летови од Бугарија до далечни дестинации како што се Малдивите и Доминиканската Република.