ЗАГАДУВАЊЕТО НЕ ЈА ПРЕМИСЛИ АРСОВСКА ЗА БРТ Градоначалничката останува на ставот да не се гради проектот
Претходно од Европската банка за обнова и развој излегоа со соопштение дека стојат зад секој проект и истото го очекува од сите свои партнери и клиенти, откако проектот на БРТ превозот беше стопиран од страна на новата скопска градоначалничка Арсовска.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на вчерашниот брифинг со новинарите беше запрашана дали можеби поради големото загадување ќе размисли за реализација проектот за БРТ превозот, затоа што тоа ќе биде еколошки оправдано.
– Причината за агресивно наметнување на овој проект е лукративна цел, а проектот е штетен и ќе донесе еколошка катастрофа за градот Скопје. Прво недозволиво е да се отстрани цело средишно зеленило, исто така над главните цевки за водоснабдување на булеварот Партизански одреди да се движи нешто исто така е недозволиво, особено што тоа некој не го мислел тоа претходно, па што ќе биле одвоени средства за санација, а тие се огромни и Градот – рече Арсовска.
Градоначалничката истакна дека во студијата за БРТ проектот е прецизирано доколку не се направат законски измени, дека тој проект е невозможно да се реализира и ништо не поместено во насока тоа да се прави. Да потсетиме дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за овој проект се одобрени 70 милиони евра.
– Значи доколку денеска започнете со реализирање на БРТ превозот во следните 10 години нема да го завршите. Скопјани не сакаат решенија кои ќе траат со декади, затоа што има требаат решенија денеска, а видовме дека на локалните избори тие не се одлучија за БРТ превоз – објасни Арсовска.
Претходно од Европската банка за обнова и развој излегоа со соопштение дека стојат зад секој проект и истото го очекува од сите свои партнери и клиенти, откако проектот на БРТ превозот беше стопиран од страна на новата скопска градоначалничка Арсовска.
– Сите наши проекти се предмет на многу детална проверка, пред да бидат одобрени и горди сме на високите стандарди според кои се раководиме, и истото го очекуваме од нашите партнери и клиенти. Постојат голем број на чекори на заштита и проверка, коишто ги применуваме за да обезбедиме услови за нашите проекти да ги задоволат овие стандарди – информираат од ЕБОР.
Одамна е потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра и сите детали од проектот се предмет на темелна анализа, па никаков пропуст или недоследност не може туку така да се протне за толку сериозен и скап план.
Инаку проектот опфаќа воспоставување на две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров во Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,80 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал.