ВЛАСТА ШТИТИ ФИРМА ОД КОСОВО БЛИСКА ДО ДУИ Од Левица реагираат на одлуката да не се рушат дивоградбите во Маврово
Од партијата нагласуваат и дека нивниот локален огранок од Гостивар веќе со месеци има информации дека вработените во „Радика ресорт” нередовно примаат плата.
Општина Маврово и Ростуше пред повеќе од два месецa издаде решение за отстранување на деветте нелегално изградени викенд-куќи, за да во меѓувреме, владината комисија донесе одлука да не се рушат истите, посочуваат во соопштение од политичката партија Левица.
– Информациите кои пристигнаа до нас укажуваат дека сопственикот на компанијата „Радика ресорт“ од Косово, Шериф Рамука и фирмата која ги гради објектите се во блиски односи со владејачката ДУИ. Имено, газдата на фирмата, кој гради бил и висок функционер од редовите на ДУИ во Гостивар – посочуваат од Левица.
Од партијата нагласуваат и дека нивниот локален огранок од Гостивар веќе со месеци има информации дека вработените во „Радика ресорт” нередовно примаат плата.
– Вработените своите месечни примања знаат да ги добијат дури и по три месеци доцнење, често пати истите остануваат и без здравствено осигурување. Надлежните институции се глуви на нивните жалби и барања. Ваквото грубо кршење на законите во заштита на градежната мафија е олицетворение на владеењето на криминалната коалиција СДС-ДУИ, кои единствено ги штитат бизнис-интересите на своите соработници – велат од Левица и обвинуваат дека власта работи исклучиво за интересите на олигарсите, а спротивно на интересите на обичните граѓани.