ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ „ЈАСМИН“ Добитници се Филиповски, Кежаровски, Марку и Николовски
Нема новинар и публицист кој не би сакал во свои раце еден ден да го има ова големо и престижно признание, рече претседателката на Одборот за доделување на наградата Катерина Блажеска.
На публицистите Тошо Филиповски и Томислав Кежаровски и на новинарите Аделина Марку и Марјанчо Николовски денеска им беше врачена државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“.
Претседателката на Одборот за доделување на наградата Катерина Блажеска на денешното доделување на наградата во Собранието, посочи дека на конкурсот пристигнале голем број квалитетни публицистички и новинарски трудови, што нивната задача во Одборот ја направиле тешка, но во исто време возбудлива, интересна и предизвикувачка.
– На денешен ден, 21 декември, е роден македонскиот публицист и големо новинарско перо во времето во кое творел и живеел. Следната година ќе одбележиме сто години од неговото раѓање. И самата награда е влезена во петтата деценија од нејзиното доделување и нема новинар и публицист кој не би сакал во свои раце еден ден да го има ова големо и престижно признание. Токму затоа, и ние од Одборот не бевме изненадени кога на конкурсот пристигнаа голем број трудови, жанровски и тематски различни – рече Блажеска.
Таа напомена дека одлуката ја донеле со многу високо мнозинство, и додаде дека наградата е чест, но уште повеќе обврска.