Иднината на Македонија е таму некаде, помеѓу Зајас и Брисел
За жал таква е судбината на мојата земја. За да некој и натаму биде директор, министер или вицепремиер, се прават операции помеѓу таванот и подрумот, на потегот помеѓу Зајас и Брисел.
Требаше да ми биде јасно уште во моментот кога директорката Шкодране Дардишта јавно обзнани дека старите војнички чизми ги чува на таван и дека е спремна повторно да ги обуе, дека нема да дојде до никаква промена во Македонија.
Кога велам промена, не мислам на нова власт, туку променет однос кон нештата. На пример кон пандемијата или кон енергетската криза. Па мора ли баш ние да умираме во толкав број? Или зошто баш ние да имаме најголем проблем со недостаток на електрична енергија, па буквално да крадеме струја од Европскиот енергетски систем? Минатата година се прашувавме зошто само ние немаме вакцини, а претходно зошто немаме респиратори, болнички кревети, лекови и медицински сестри?
И не е проблемот само во актуелната Влада, да бидеме начисто. Вина може да пронајдеме кај сите претходни властодршци во Македонија.
Туку да се вратиме ние на чизмите на Шкодране. Интересно е дека јавноста за нив дозна во моментите кога почнаа да се уриваат темелите на актуелната Влада на Република Македонија, во која нејзините колеги од ДУИ „владејат“ како никогаш претходно. Пораката со чизмите беше кажана во елегичен, да не претерам во поетичен стил, но сите разбравме што сака да каже поетесата. Влада без Али Ахмети ќе значи и војна, па вие како сакате, ни порача директорката.
Операцијата „Спасувањето на командантот Али“, потоа доби поинаков шмек. Откако опозицијата ги собра потписите на пратениците во Собранието и ја поднесе иницијативата за излгасување на недоверба на Владата, од ДУИ почнаа да „свиркаат“ песничка со поинакви тонови. Веднаш ги заборавија чизмите на Шкодране, тие на таванот што ги чува, па побрзаа да направат спин дека спорот со Бугарија само што не бил решен, па да пренесуваат шпекулации на медиуми од Албанија дека Емануел Макрон им наредил на француските дипломати да лобираат за Македонија, па дека опозицијата ќе ја извади државата од НАТО итн.
И кога сите предуслови за акција беа преземени, тогаш се тргна во решителна борба. Не ги знаеме деталите, но целата операција на ДУИ имаше одличен учинок само кај еден човек. Кај Кастриот Реџепи, кој во критичниот момент не се појави во Собранието, а без неговиот глас пропадна обидот за промена на власта. Објасни после Кастриот дека не бил киднапиран, дека имал прилика да слушне доверливи информации од дипломатски кругови блиски до Брисел, дека спорот со Бугарија наскоро ќе биде решен. Па потоа тој кажа дека неговата жена слушнала дека Макрон рекол дека ќе ја внесе Македонија во ЕУ и затоа го снемало на 24 часа, додека неговите сопартијци од Беса го чекаа во собраниската сала, а тој се јавуваше од некоја непозната локација, која на мене ми заличи на подрум.
Секако, ДУИ во оваа драмолетка имаа голем сојузник во СДСМ или подобро речено партнер во изведбата на срамната и хибридна операција, чија единствена цел беше спас на фотелјите и функциите. Од датумот нема ништо, од решение со Софија исто така, но Ахмети веќе се договорил со премиерот на заминување Зоран Заев, како и со неговиот наследник Димитар Ковачевски дека не смее да дојде до предвремени избори, бидејќи на тој начин ќе се нарушела безбедноста на државата. Односно, оваа власт којашто беше поразена на локалните избори и којашто ширеше лажен оптимизам за нашите евроинтеграции, сега сака да нè убеди дека ја интересира стабилноста на Македонија. И мислам дека се во право, бидејќи чизмите на Дардишта се нааоѓаат на таван.
За жал таква е судбината на мојата земја. За да некој и натаму биде директор, министер или вицепремиер, се прават операции помеѓу таванот и подрумот, на потегот помеѓу Зајас и Брисел.