ПРОГРЕСОТ ДОБИ СЕРИОЗЕН ПРОТИВНИК Нов договор за политика на обединување и заеднички патриотизам во Македонија

Нова политика, нов концепт на заедништво, наречен Нов договор! Ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам, вели лидерот на опозицијата.

1,638

Преку новото опозициско делување, што значеше мобилизација на партиските структури во подобрувањето на севкупниот животен стандард во општините каде партијата триумфираше на локлните избори, од ВМРО-ДПМНЕ го обзнанија и Новиот договор, платформа на која ќе треба да се гради опозициската коалиција, но и идната власт во Република Македонија.

– Да покажеме заеднички патриотизам преку мобилизација на секоја креативна индивидуа. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат. Заедничкиот патриотизам значи да имаме различност која меѓусебно ќе ја почитуваме – изјави пред неколку дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.






Во моментите додека ги примаше честитките за неговиот реизбор на претседателската позиција во партијата, Мицкоски ги најави новите одредници во вмровската политика.

– Најавувам на овој 17. Конгрес нова политика, нов концепт на заедништво, наречен Нов договор! Ни треба нов општествен консезус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам. На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го оделотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел. Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани – рече Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска испратија појаснување за тоа што значи Новиот договор, потенцирајќи го обединувачкиот карактер на концептот.

„Новиот договор значи заеднички патриотизам, намалување на даноците и борба против корупцијата. Новиот договор значи заеднички патриотизам, намалување на даноците и борба против корупцијата. ВМРО-ДПМНЕ промовира нов договор во општеството, отворање кон сите. Време е да престанат поделбите и стигматизациите. Новиот договор е новиот заеднички патриотизам, на сите Албанци, Турци, Срби, Роми и сите кои живеат во земјава, а се дел од Македонската нација. Новиот патриотизам е да се работи и инвестира подеднакво во Сарај и во Сопиште, во Прилеп и во Дебар. Новиот договор се и пониски даноци. 8% данок на добивка и персонален данок на доход. 0% данок за младите. До 6% раст на економијата по нејзиното стабилизирање. Новиот договор, и заедничкиот патриотизам се и борбата против корупцијата која го урнисува општеството. Никогаш повеќе граѓаните да не треба да плаќаат за работи кои природно им следуваат, а не можат да ги добијат затоа што некој им бара мито. Заедничкиот патриотизам е нашата цел, за Македонија која мора да успее“, се вели во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, дали Новиот договор ќе биде доволен за победа на прламентарните избори, кои во наредниот период би се одржале во Македонија? Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), смета дека се работи за дефинирање на политиката на ВМРО-ДПНЕ, која ја гледаме на дело од првиот избор на Мицкоски за претседател.

– Генерално и претходно од ВМРО-ДПМНЕ повикуваа на обединување на опозицијата и на формирање на фронт во борбата со власт, бидејќи според нив од лошите политики на Владата последиците ги трпат сите, без разлика на идеолошка, национална или верска припадност. Со Новиот договор кој неодамна беше промовиран, дефинирана е политичката доктрина, која секако ќе значи окрупнување на опозицискиот блок. Од најголемата опозициска партија порачуваат дека го имаат решението на проблемот за сите, па може да се претпостави дека тоа ќе значи и заеднички настап на некои наредни избори, што исто така не е ништо ново – вели Божиновски.

Тој посочи и дека од победата на локалните избори, на ВМРО-ДПМНЕ му оди одлично во анкетите и веќе забележано зголемување на бројот на потенцијални гласови, што секако дека делува позитивно по партискиот морал.

Еден од креаторите на Новиот договор, Марјан Ѓорчев, во неговото гостување на ТВ Сител, објасни дека новата доктрина е резултат на колективно тело кое работело на реализирање на концептот за обединување, кој ќе го овозможи партиското функционирање во 21 век.

– Три аспекти се многу важни од доктрината. Новиот договор им се обраќа на сите луѓе во Република Македонија, дека пропагира заеднички патриотизам на сите граѓани и дека секој што може да се пронајде во партијата е добредојден – истакна меѓу другото Ѓорчев.

Тој дополни и дека очекува во блиска иднина ВМРО-ДПМНЕ конечно да се обедини, односно во партијата да се вратат сите некогашни фракционери, кои во меѓувреме се профилираа со нови партии.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, појасни дека ќе се работи на формирање на еден општ консензус, во кој нема да бидат вклучени само партиите.

– Мислиме дека постојат неколку прашања во општеството за кои што мора да имаш и широк, општествен и политички консензус и не само помеѓу клучните политички партии во Македонија, туку и една поширока група на луѓе кои што имаат свое општествено влијание, тука е Академијата, тука се Универзитетите, тука е и јавноста, новинари, медиумите, тука е целата онаа интелектуална маса во различни сектори која што работи и сакаме со сите нив да разговараме“, истакна Николоски.

Како за пример тој ја посочи и точката за владеење на правото, каде што конечно мора да се стави крај на личните интерпретации, но исто така да се даде сигурноста на оние кои што ќе влезат во таа битка. Според него за жал на македонските улици особено во Скопје, во поголемите урбани центри има дрога како никогаш претходно. И тоа уништува генерации. Од прилика од безбедносните служби точно знаат како таа дрога стига на улиците и кои условно кажано ја продава. Доколку тие што работат на ова, полицијата на пример се свесни дека ќе имаат континуирана заштита до пензија , до крајот на животот затоа што се соочуваат со тешки криминалци од другата страна, Николоски е убеден дека тогаш полицијата ќе работи многу поквалитетно.

Поврзани содржини