ДО КОГА ПОМАЛИТЕ ПАРТИИ ЌЕ БИДАТ СЛЕПИ ПОСЛУШНИЦИ? За ВМРО-ДПМНЕ манипулација е ревизијата на судските случаи
Партијата обвинува дека „за да продолжат тендерите и богатењето на кланот на власт, Зоран Заев е подготвен да потпише сѐ што ќе му се стави на маса и да ја стави и својата партија во заложништво.“
До кога помалите политички партии кои се дел од власта ќе бидат слепи послушници на криминалот, неправдите и политичките договори кои се на штета на државата и сите граѓани, прашува ВМРО-ДПМНЕ откако вчера премиерот во оставка Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши изјавија дека стануваат партнери во владата, а при тоа на Алтернатива ѝ беа доделени 47 државни функции.
„Граѓаните не треба да наседнуваат на спектаклите кои ги прават СДСМ, ДУИ и Алтернатива, бидејќи нема ништо да се смени на подобро а Македонија и понатаму ќе биде на дното на сите извештаи како најкорумпирана и најкриминална држава. За излез од кризата во која ја втурна Зоран Заев, не се коалиции од лична корист, туку брзи предвремени парламентарни избори“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Партијата обвинува дека „за да продолжат тендерите и богатењето на кланот на власт, Зоран Заев е подготвен да потпише сѐ што ќе му се стави на маса и да ја стави и својата партија во заложништво.“
„Заев повторно манипулира со чувствата на граѓаните, мешајќи се и во судската власт, а позади ваквите изјави и договори помеѓу партиите од власта во која сега е и Алтернатива стојат само поделбите на државните функции кои имаат за цел богатење на поединци. Секогаш кога се одвива некаква кражба или продажба на државните интереси, власта ја врти темата кон националната реторика, ревизија на судските случаи и безбедноста на државата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.