ТИМОТ НА „ТЕРАПИЈА“ КРЧКА ТАНЦУВАЧКА ТЕРАПИЈА ЗА СКОПЈАНИ Алинка и Ивана Драгшиќ ќе настапат во Станица 26
Алинка и Ивана Драгшиќ ќе настапат во Станица 26, а настанот ќе се одржи на 1 декември со почеток во 22 часот, соопшти тимот на платформата Терапија.
Соочувајќи се со предизвиците и неизвесностите во овие комплицирани времиња, тимот на хибридното издание на платформата „Терапија“ најави дека годината ќе заврши со динамика и со оптимизам, а како што соопштија оттаму, во моментов се крчка специјално издание „Dance Terapy“ кое има за цел да нè приближи до сите оние кои ни недостасуваа.
„По 19 месеци без настан со физичко присуство, сега е време да организираме настан во живо во нашиот роден град Скопје. Следејќи ги здравствените упатства и протоколи објавени од властите против ковид-19, подготвивме специјално издание ’Dance Terapy‘ кое има за цел да нè приближи до сите оние кои ни недостасуваа. Ние претендираме да ја понудиме својата музичка естетика, додека истовремено ја поддржуваме работата на локалните и на меѓународните артисти. Алинка и Ивана Драгшиќ ќе настапат во Станица 26, а настанот ќе се одржи на 1 декември со почеток во 22 часот“, се вели во соопштението.
Во 2020 година за првпат беше претставено првото хибридно издание на платформата „Терапија“ одржано во Крушево.
„Продолживме со оригинална содржина создадена на различни локации во Македонија. Многумина од вас имавте можност да видите артисти кои изведуваат во живо, но и специјални аудиовизуелни проекти. И покрај тоа што проектите на Терапија беа нешто кое направи да се чувствуваме горди и среќни, сепак 19 месеци без физички настан се премногу. Свесни сме дека ковид-19 е сè уште тука, но ќе се обидеме оваа година да направиме чекор напред, извесен рестарт, ако можеме така да кажеме. Признаваме дека следните месеци ќе бидат предизвик за здравствената состојба кај нас. Сепак, се надеваме дека ќе соработуваме со засегнатите страни, извршната власт, здравствените институции, како и клучните чинители во индустриите за ноќен живот за да го најдеме најбезбедниот и најпрактичен начин да останеме отворени“, наведено е во соопштението.