АВТОБУСОТ НА „БЕСА ТРАНС“ СЕ „ШВЕРЦАЛ“ СО ТУЃИ ДОКУМЕНТИ Министерот Спасовски тврди дека бил технички исправен

Министерот за транспорт Бочварски нагласи дека „Беса транс“ имала истечена лиценца за линиски превоз и користела изводи од други возила.

1,469

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски попладнево на прес-конференција соопшти дека опожарениот автобус со регистарски таблици СК0284 БА, кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија, не е пријавен од сопственикот во единствената електронска база на податоци на Министерството, за автобусот не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус.

– Друга работа што е многу важна, а со која се шпекулира во јавноста, е начинот како превозникот Беса Транс БТБ ја минувал границата. Изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот „Беса Транс БТБ“ – потенцира Бочварски.






Тоа, дополни, јасно упатува дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило, а во друг наврат ја прикажувал и лиценцата од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.

– Поради тоа, веќе информиравме дека Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата за вршење на дејност на превозникот „Беса Транс БТБ“ – нагласи Бочварски.

По барање на Обвинителството, Министерството за транспорт веќе ја предало целосната документација за превозникот „Беса Транс БТБ“ и во наредниот период ќе постапува според барањата и потребите на Обвинителството.

Автобусот на „Беса транс“ во 2020 година во 22 случаја има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има 113 преминувања на државната граница. Овој автобус првпат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година, а последниот технички преглед е направен на 05.10.2021, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Како што истакна Спасовски попладнево на прес-конференција во Владата, согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки.

Поврзани содржини