ВО ХРВАТСКА РЕГИСТРИРАН ПРВ СЛУЧАЈ НА ДЕЛТА ПЛУС Овој сој е позаразен и отпорен на терапија
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош најави дека Републичкиот штаб денеска ќе донесе нов пакет мерки за сузбивање на ширењето на корона вирусот, меѓу кои ќе биде и пошироката употреба на потврдите за ковид, а нема да има нови затворања.
Хрватскиот завод за јавно здравје регистрира прв случај на коронавирус делта плус во земјата. Првиот случај од овој сој бил регистриран во градот Чаковец.
Овој вид на коронавирус е позаразен, полесно се врзува за клетките на белите дробови и е потенцијално отпорен на терапија со моноклонални антитела, што значи дека може да го пробие стекнатиот имунитет.
– Знаевме дека е пред вратата. Искуството со делта и алфа сојот ќе покаже колку е опасно. Засега се знае дека е нешто позаразно од делта соевите – истакнаа од хрватскиот завод за јавно здравје.
Делта Плус сојот беше класифициран од индиското Министерство за здравство како „варијанта на вирус кој предизвикува загриженост“.
Хрватскиот министер за здравство Вили Берош најави дека Републичкиот штаб денеска ќе донесе нов пакет мерки за сузбивање на ширењето на корона вирусот, меѓу кои ќе биде и пошироката употреба на потврдите за ковид, а нема да има нови затворања.
Сертификатите за ковид во моментов се потребни само во здравствената и социјалната заштита.
Повикувајќи се на своите сознанија, порталот „Индекс“ наведува дека ќе се воведат сертификати за ковид во сите државни и јавни служби, за вработените и корисниците на нивните услуги.
Тоа значи дека секој кој работи во некои државни или локални институции ќе треба да има потврда за доаѓање на работа, но и граѓаните кои доаѓаат во јавните институции да бидат имунизирани.
Во четвртокот во Хрватска имаше 6.310 нови случаи на коронавирус, најмногу од почетокот на епидемијата. Речиси секој втор тестиран бил позитивен на вирусот.