НЀ ОЧЕКУВА ВЛАЖНА ЗИМА И ПОПЛАВИ НА БАЛКАНОТ AccuWeather објави прогноза за цела Европа
Влагата на Балканот и во јужна Европа ќе дојде од Медитеранот, а ќе продолжи на север и ќе им донесе снег и олуји на погорните земји, додека кај нас можни се изливања на реки и поголеми поплави. Влажниот воздух значи непредвидливо време и периоди на ниски, а потоа високи тепмератури.
Бурна зима и можност за поплави го очекуваат Балканот, вели новата анализа на AccuWeather, чии метеоролози ги проучувале поларните бури и струи кои ќе надвиснат над Европа, пренесува Нова. Најлошите невремиња ќе бидат во Шпанија и јужна Франција, а зимата ќе наликува на онаа лани – непредвилдива и со големи температурни промени. Целата влага во Европа, всушност ќе биде по влијание на феноменот наречен „Ла Ниња“(девојче), кој веќе ја менува климата во Северна Америка.
Ќе се излијат реките, ќе биде влажно
– Некои од најсилните бури најверојатно ќе се случат некаде на југот на Франција, Шпанија или Португалија оваа зима – предупреди метеорологот Тајлер Ројс. – Дури и без бурни ветрови, другите делови на јужна Европа се соочуваат со влажна зима.
Обилната влага ќе влезе од Медитеранот во Италија, Балканот и поголемиот дел од Турција. Според метеорологот Алан Реперт, затоа во овие области се очекува невреме по невреме.
– Дури и умерените врнежи може да резултираат со брзо истекување на реките, што може да предизвика значителни поплави – предупредуваат метеоролозите.
Неочекуван студ на периоди, а потоа топло над просекот
Се очекува температурите во поголемиот дел од јужна Европа да останат просечни, но во делови од Италија, Грција и Балканот тие би можеле да бидат над просекот, вели Ројс. Ова важи за делови од Источна Европа кои ќе бидат во фокусот оваа зима поради неочекуваното студено време.
– Доколку налетот на студен воздух го испушти поларниот вител, тој студ ќе заврши во делови од Источна Европа – рече Ројс.
Влагата од Балканот ќе продолжи во северните земји
Температури за неколку степени под просекот се очекуваат во областа од централна Украина до Латвија и Естонија и до Словачка и Полска. А, како абнормалниот студ да не е доволен, регионот може да се подготви за повеќе зимски „замки“.
Истото активно невреме што ќе го зголеми ризикот од поплави низ Италија и Балканот оваа зима, ќе донесе неповолни временски услови и во Источна Европа. Влагата од Балканот веројатно ќе продолжи на север и ќе се измеша со ледениот воздух во поладните европски земји, што ќе доведе до чести периоди на дожд и снег во поголемиот дел од внатрешноста на Источна Европа.
Шведска, Норвешка и Германија ќе имаат сува зима
Северна Европа ќе биде поштедена од бури и нестабилно време. Продолжено суво време се очекува за источна Франција, Германија, Шведска и Норвешка. Во тие земји, студениот и влажен воздух ќе стигне подоцна во зимата, велат синоптичарите.