МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ПО САМИТОТ НА ЕУ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН 5 + 1 прашање = 2 непомирливи погледа на историјата

По Самитот во Брдо кај Крањ, Софија и Скопје се чекор подалеку од решение на спорот. Бугарија повторно форсира максималистички позиции, а најновиот „план“ на Брисел се чини дека е само бирократска формула без суштински предлози за компромис прифатлив за двете страни.

2,043

Веднаш по враќањето од Брдо кај Крањ, Словенија, каде што присуствуваше на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, на кој се разговараше за европерспективата на Македонија и за спорот со Бугарија, премиерот Заев на митинг во Свети Николе ни пренесе топли поздрави од европските челници, а посебно од претседателот на Бугарија Румен Радев. Но, веќе утринава македонските медиуми ја пренесоа изјавата на Заев, во која тој вели дека бугарските барања, најново изјавени преку настапот на бугарскиот претседател Радев, се неприфатливи и навредливи за граѓаните на Северна Македонија.

– Пораките од претседателот Макрон и од канцеларката Меркел се јасни: за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани – вели Заев.






Софија цврсто на своите позиции

Не е прв пат од премиерот Заев да слушаме контрадикторни изјави за разни прашања, па и за спорот со Бугарија. Јасно е дека тој од Самитот на ЕУ во Словенија се враќа со празни раце, со многу тапкање по рамо и напразно охрабрување („ние ве сакаме“), но без конкретна поддршка за македонската позиција во спорот со Бугарија.

Една посериозна анализа ќе покаже дека Македонија, всушност, нема стабилна и одржлива позиција во спорот. Со повремените сигнали што ги испраќа Заев, дека Скопје е подготвено да разговара и за суштински прашања кои го засегаат македонскиот идентитет, наспроти папагалското повторување дека за идентитетот не се преговара, Софија е збунета, но и охрабрена да опстојува на максималистичките позиции.

Бугарскиот премиер Румен Радев на Самитот стаса со потврда на досегашните екстремни позиции на официјална Софија во однос на спорот со нејзиниот западен сосед.

– Клучот за согласност на Бугарија воопшто не е сложен. Се состои во целосно имплементирање на Договорот за добрососедство. Македонските Бугари да бидат подеднакво рамноправни со останатите седум народи наведени во Уставот на Северна Македонија. Македонските Бугари да бидат јасно наведени во резултатите од пописот. И трето, како што беше признаена историската вистина во односите со Грција, истото да биде сторено и со Бугарија. Објективните факти од нашата општа историја не може да бидат подложени на мултиперспективно толкување – рече тој.

Накусо, како што ќе наведе во една претходна изјава, Радев бара Македонија да се откаже од македонизмот. Аналитичарите неговата изјава ја толкуваат во контекстот на внатрешните политички превирања во Бугарија, каде што допрва, по следните избори, треба да уследи нов обид за формирање политичка влада. Но, тоа за премиерот Заев не е никаква утеха, бидејќи е многу добро познато дека преговарачката рамка на Бугарија во спорот е утврдени консензуално во парламентот во Софија и дека во овој момент не постои бугарски политичар спремен да отстапи од неа.

Кој нешто не разбрал, Радев или Заев?

Владата во Скопје тоа го знае и затоа на Самитот Заев се обиде да стави на маса една подзаборавена теза, во обид да изнуди поддршка од земјите членки на ЕУ за Македонија.

– До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не кон минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака – оцени Заев, коментирајќи изјави на Ангела Меркел и на Емануел Макрон.

Но, се чини дека Заев е тој што добро не разбрал како стојат работите. Тезата дека индивидуалниот напредок на земјите-аспиранти за членство во ЕУ во реформите треба да биде пресуден, а не односите со соседите, одамна е отфрлена и во праксата, но и декларативно.

Во Декларацијата од овој Самит се вели дека ЕУ целосно ја поддржува изразената обврска на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ. Во документот, меѓу другото, се вели: „И натаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и со видливи резултати. Понатамошни одлучни напори се неопходни за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како и да се пронајдат и спроведат, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија, конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства“.

Значи, јасно и прецизно е кажано дека ЕУ ќе инсистира на неопходни понатамошни напори за пронаоѓање „конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото“. Со други зборови, билатералните спорови кои се „вкоренети во наследството од минатото“ ЕУ нема намера да ги игнорира, па ниту со еден „поглед кон иднината“, како што се надева Заев. Напротив, Брисел ќе бара решенија за тие спорови и видлив напредок.

Што има во планот „5+1 прашање“?

Во типичниот бриселски бирократски манир, на самитот во Брдо кај Крањ е промовирана идејата Патоказот со „5+1 прашање“ да биде можно решение за спорот со Бугарија. Патоказот би требало да биде готов до почетокот на ноември, кога ќе бидат познати тие фамозни шест прашања.

Според известувачот на МИА, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, одговарајќи на новинарско прашање да го објасни овој план, рекла дека станува збор за точките што биле доставени на разгледување во Бугарија на 17 јуни оваа година. Објаснувајќи го планот, кој изгледа и не е дефиниран, Заев вели дека се работи за точки коишто се решливи и дека „од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето“.

– Македонскиот јазик, македонскиот народ не се допираат со овие пет точки, туку се работи за дипломатска нота – кратко и долго име, немешање во внатрешни работи, за говорот за омраза и организирање од двете страни како тоа да го намалиме, за интензивирање на работата на експертските комисии коишто треба да имаат барем определено колку пати годишно ќе се среќаваат, како и тоа што го спомнавте за делот на бугарската етничка група во Македонија. Ние немаме проблем со тоа прашање – рекол Заев.

Радев, пак, на свој начин ги толкува идеите за планот „5+1 прашање“. Тој не отстапува од ставот дека за кревање на бугарското вето потребно е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, искоренување на јазикот на омразата, но и толкувањето за Бугарија од учебниците и од спомениците.

– Очекуваме билатералниот протокол од 6 точки да биде готов до почетокот на ноември. Во протоколот има решенија кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес. Мене ме интересираат обврзувачките работи што треба да бидат завршени до почетокот на преговорите, за да кажеме „да“ – нагласил Радев.

Повторно неоправдан оптимизам

Се чини дека планот „5+1 прашања“ е лансиран со неоправдан оптимизам. Во изјавата по Самитот, Радев направил паралела и со спорот со Грција, нагласувајќи дека Бугарија бара како што беше признаена историската вистина во односите на Северна Македонија со Грција, така да биде признаена и историската вистина во односите со Бугарија. Во овој момент, Македонија и Бугарија имаат спротивставени погледи на историската вистина за етногенезата на македонскиот народ, така што се чини сосема неверојатно таквите разлики да се „испеглаат“ на краток и на среден рок.

Во Македонија се очекува на следните локални избори опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се потврди како една од двете најмоќни, а можеби и како најмоќна политичка партија во Македонија. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски енергично ги отфрла барањата на бугарскиот претседател Радев:

– За промена на Уставот во Македонија се потребни две третини и ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати каква било промена, доколку немаме реципроцитет и од бугарската страна, односно вклучување на македонското малцинство во Бугарија како конститутивен народ во рамките на бугарскиот Устав и признавање на сите оние одлуки на Судот за човекови права во Стразбур и резолуции од Европскиот парламент со кои до овој момент ги спречува на Македонците во Бугарија да се организираат во свои здруженија, да имаат културно воздигнување. Целиот процес е заглавен, а и Радев тоа го потврди. Радев инсистира рамката на бугарскиот парламент да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ и тоа е став од самиот почеток, иако во спротивното не убедуваше Зоран Заев, дека ќе се потпишел протокол во кој што немало да биде содржана рамката на бугарскиот парламент – рече Мицкоски за Канал 5 телевизија.

Кој „јунак“ ќе се откаже од македонизмот?

Заклучокот е неминовен и обесхрабрувачки – нема никаков напредок во решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија и после Самитот на ЕУ за Западен Балкан. Софиското вето останува во сила. Најблиску до реалноста е изјавата на холандскиот премиер Марк Руте, кој рече дека се надева дека по изборите во Бугарија ќе биде отстранета блокадата за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија.

– Мора да почекаме на изборите во Бугарија, но не сум задоволен од фактот што почетокот на преговорите со Северна Македонија сè уште е блокиран. Мислам дека мора да биде одблокиран во најкус можен рок. Се надевам дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија. Ќе направиме сè што можеме за да го постигнеме тоа – изјави Руте на почетокот на Самитот.

За жал, исходот и усвоената Декларација на Самитот укажуваат дека Скопје и Софија уште долго време ќе мора да расправаат за прашања кои се наследство од минатото, пред да соберат сила да разговараат за иднината.

Поинаку и не може да биде, бидејќи во овој спор централниот влог е идентитетот на македонската нација, а дури ни најголемите симпатизери на Заев и на неговата „убава куќа“, како што мадам Фон ден Лајен ја опиша зградата на владата во Скопје, не веруваат дека тој ќе има смелост да ризикува и да стави потпис на документ во кој Македонија ќе се откаже од македонизмот.

 

Поврзани содржини