ДОСЕГА НЕДЕЛАТА ТРЕБАШЕ ДА СТАНЕ НЕРАБОТЕН ДЕН Собранието ќе чека да завршат изборите
Исклучок од неработењето во недела ќе бидат продавниците и штандовите за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот. Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава.
Заглавени се во Собранието законските измени со кои недела требаше да стане неработен ден од 1 октомври годинава, а пратениците повторно ќе гласаат за нив откако ќе завршат изборите, јавува МИА. Измените не би важеле за 40-тина професии кои сепак ќе работат во недела, а тоа ги раскара власта и опозицијата уште на второто читање на законот во собраниската Комисија.
Според партијата, во Комисијата за труд и социјална политика, „деструктивното ВМРО-ДПМНЕ ги кочи измените на законот со кои недела станува неработен ден за 92 отсто од работниците“.
„ВМРО-ДПМНЕ е насочена директно против интересите на граѓаните и интересите на државата како ниту една друга опозиција во светот. Таквото деструктивно однесување граѓаните го ценат и соодветно ќе го казнат и на овие избори,“ велат од СДСМ
Од ВМРО барале да се стави на дневен ред дискусија за модуларната болница
Од опозицијата пак, пак, велат дека немале намера да го кочат носењето на ова законско решение, иако сметаат дека тоа нема да овозможи недела неработен ден за сите граѓани, поради предвидените 40-тина исклучоци кои ќе работат во недела, туку дека само барале точката од дневниот ред да се дополни со информација за пожарот во кој изгоре модуларната ковид болница во Тетово заедно со уште 14 лица, што власта не го прифатила.
– Најлесно им е вината да ја префрлат на опозицијата. А, на опозицијата работа ѝ е во Парламентот да укажува на сите оние неправилности коишто планираат од Власта да ги спроведат, на оној хаос којшто се воведува на комисиите коишто се предводени од нивните претседатели, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Има консензус за законот, ама ѓаволот е во деталите
Од ресорното Министерство за труд и социјална политика потенцираат дека не ја разбираат, како што велат, блокадата на ова законско решение со оглед на тоа што за него бил постигнат општествен консензус и оти тоа било усогласено и со синдикатите и со работодавците.
– Упатуваме апел до пратениците на опозицијата, да покажат одговорност за остварување на правата на работниците кои произлегуваат од ова законско решение. Со тоа ќе се создадат услови да помине Предлог-законот за недела ден на неделен одмор низ собраниска процедура. Секое доцнење значи пролонгирање на примената на ова право кое работниците го очекуваат, велат од МТСП за МИА.
Додаток на плата од најмалку 100 отсто за секој час работа во недела
Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија. Од ССМ, бараат додатокот за плата за секој час поминат на работа во недела да изнесува најмалку 100 проценти од основниот додаток. ССМ уште еднаш укажува дека останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог Законот за работните односи, да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот.
Тој напоменува дека дури и пренесувањето на правото за само еден ден во наредната недела може да значи губење на правото на неделен одмор кој треба да се искористи во 7 дена од неделата.
– Сметаме дека помошните дејности и придружните работи од ставот (3) алинеи 40 и 41 на членот 2 од Предлог Законот треба да се прецизира точно за кои работни места ќе станува збор, а ние сметаме дека треба да се однесува единствено на обезбедување и заштита на објектите и одржување на ИТ уредите за непречено извршување на основната дејност на работодавецот и евентуално дополнување за уште едно до две работни места кои ненамерно се пропуштени. Предлагаме при прекршување на одредбите од член 134, за оние работодавци кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат во исклучоците, забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење, а не во работниот простор или работа просторија каде е утврдена неправилноста односно работата во недела, вели Димовски и додава дека доколку овие нивни барања не бидат дел од Законското решение, повторно ќе ги бараат во новиот текст на Законот за работните односи.
Некои угостители ќе можат да работат од 10 до 18 часот во недела
Исклучок од неработењето во недела ќе бидат продавниците и штандовите за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.
Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавецот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавецот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.
Казната ќе биде 2 отсто од вкупниот приход за таа недела
Со измените за законот за трговија трговските центри кои ќе работат во недела и на празници ќе треба да платат надоместок во висина од 2 проценти од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, а тие средства, како што најавија од МТСП ќе се инвестираат во детски градинки.
Законот помина на владина седница на 8 јуни годинава. Од Владата тогаш посочија дека со ова се врши усогласување на приватниот и професионалниот живот на работниците. Тоа, рекоа, ќе резултира со поголемо задоволство на работниците и зголемена мотивираност во работењето, што понатаму ќе придонесе за поголема продуктивност, подобри економските резултати на работодавците, а со тоа и на работниците. Синдикатите и тогаш и сега бараат поголеми заштитни механизми. Работодавачите сметаат дека решението е добар компромис, до кој се дошло по подолги разговори меѓу социјалните партнери.
На законски измени за воведување на недела како ден за одмор работеше и Министерството за економија. Тоа ги изготви измените на Законот за трговија со кои се регулира ова прашање.