ЗАЕВ И МИЦКОСКИ УБЕДЕНИ ВО ПОБЕДА НА ЛОКАЛНИТЕ Двете коалиции фаворити на изборите

Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе покажат дека не се сите исти и има луѓе кои си ја сакаат државата. Заев истакна дека СДСМ на локалните избори е убедлив фаворит, победник, затоа што ја има најдобрата понуда, составена од најдобри кандидати за градоначалници и советници.

144

И премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се убедени дека ќе победат на локалните избори. Ова двајцата лидери го кажаа во дуелот на Канал 5.

Мицкоски во врска со понудата за локални избори на СДСМ-ДУИ, истакна дека таа коалиција од власта и нивната понуда која се состои од транзициски кадри и дел од нив лица кои се заглавени до гуша во криминал, ќе биде поразена од коалицијата против корупцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива, заедно со народот ќе покаже разлика и како се работи и се сака државата.






– Две третини од граѓаните во определени општини, вклучително и градот Скопје се незадоволни од актуелните градоначалници на СДСМ и во најголемиот дел тие истите градоначалници се повторени, јас би рекол дека не гледам нови лица кај овие кои прв пат стануваат градоначалници, има таков еден транзициски политичар како тој во Прилеп, политичар во Струмица, поранешен директор на едно скопско јавно претпријатие кое гледаме дека до гуша бил заглавен во криминал, во една скопска општина и тоа граѓаните ќе го препознаат на следните локални избори и ќе видат како вистински се работи па можеби и не би ме зачудило и самиот Зоран Заев за четири години гласа за ВМРО-ДПМНЕ – истакна Мицкоски.

Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе покажат дека не се сите исти и има луѓе кои си ја сакаат државата, а во однос на коалицијата истакна дека истата е против корупцијата на власт, како и коалиција која има намера да ја води понатаму Владата на Македонија, и да расчисти со сиот криминал којшто се случуваше последниве четири години.

– Коалицијата против корупција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива на господинот Села и господинот Гаши ќе ве порази вас и сите останати бидејќи сте до гуша заглавени во криминал господине Заев – му порача Мицкоски во денешниот дуел.

Заев истакна дека СДСМ на локалните избори е убедлив фаворит, победник, затоа што ја има најдобрата понуда, составена од најдобри кандидати за градоначалници и советници.

– Ние ќе победиме во вкупен број на освоени градоначалници, вкупен број на советници, вкупен број на гласови и ќе победиме во Град Скопје. Нашите аргументации се досега реализираните проекти и нашата визија за иднината – порача Заев додавајќи дека анкетите го покажуваат она што ќе се случи и на изборите, а тоа е победа на СДСМ и Коалицијата.

„Тој рече дека настапуваат со најбројна коалиција од 22 политички партии, дека тоа е коалиција за иднината, затоа што овие избори ќе го покажат патот кон подобра иднина, за општините и за државата.

 

Поврзани содржини