(ОБНОВЕНО) ПРИСТИГНА НОВА ТУРА АВГАНИСТАНЦИ Мажи, жени, деца, баби и дедовци слетаа во Скопје (ФОТО)
Ова е втора група Авганистанци евакуирани од земјата кои пристигнаа во Македонија и кои ќе имаат привремен престој, откако доцна вечерта на 30 август дојде првата група од 149 Авганистанци, меѓу кои и жени и деца.
На скопскиот аеродром денеска присгигна нова група бегалци од Авганистан, а Владата соопшти дека 44 патници се симнале денеска од авионот.
„Република Северна Македонија останува посветена на глобалната хуманитарна акција која има за цел да им помогне на граѓаните од Авганистан, кои во изминатиов период работеа на подобрување на човековите права, демократијата и мирот. Денеска на Меѓународниот аеродром во Скопје пристигнаа 44 граѓани од Авганистан, односно од организацијата Тиркиз моунтејн (Тurquoise Мountаin). Овие лица се активисти на оваа организација, но меѓу нив има и членови на нивните семејства. Организацијата Тиркиз моунтејн е основана во 2006 година од принцот Чарлс со хумана мисија, која изминативе години имаше свои успешни активности во Авганистан. Дополнително, оваа организација реставрираше повеќе од 150 историски објекти, третираше околу 165 илјади пациенти во клиниката во Кабул, отвори и поддржа повеќе од 50 мали бизниси во Авганистан, Мјанмар, и други активности. Лицата ќе бидат привремено сместени во Скопје додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците и за оваа група ќе бидат целосно покриени од меѓународните организации. По слетувањето, предвидена е стандардна процедура, поддршка од Црвениот крст, безбедносна проверка и заштита, медицинска поддршка, ПЦР тест и можност за вакцина“, соопшти Владата.
Ова е втора група Авганистанци евакуирани од земјата кои пристигнаа во Македонија и кои ќе имаат привремен престој, откако доцна вечерта на 30 август дојде првата група од 149 Авганистанци, меѓу кои и жени и деца. Станува збор за Авганистанци што работеле за меѓународни организации и нивните семејства.
Поголемиот дел од нив тогаш под строго полициско обезбедување беа префрлени и сместени во хотелот „Белви“.
Од МВР велат дека за сите што доаѓаат од Авганистан се вршат безбедносни проверки, а Министерството за здравство ги тестира за ковид-19.
Македонската Влада веќе прифати во земјава привремено да бидат сместени над 700 авганистански граѓани, кои потоа треба да заминат во други земји, главно во САД.