ОД ГОДИНАВА 2.400 ДЕНАРИ ЗА СТУДЕНТСКИ ОБРОК Алицирањето трае до 31 август
Досега аплициале околу 12 800 студенти и првата исплата се очекува на 5 октомври.
До 31 август трае аплицирањето за субвенциониран студентски оброк, нова бенефиција за студентите во износ од 2.400 денари месечно. Досега аплициале околу 12 800 студенти и првата исплата се очекува на 5 октомври, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која ги повика студентите да се пријават на конкурсот кој завршува во вторник.
Пријавувањето се спроведува електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, со прикачување на два документа – пријава и изјава за точност на податоци, и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
За кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2021/2022 година и кои не го запишале летниот семестар, рокот за пријавување ќе биде од 1 до 31 октомври 2021.
Царовска рече дека со субвенционираниот оброк на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето, затоа што, според проценките на МОН, на околу 40 000 студенти им следува правото да добијат по 2.400 денари за девет месеци во годината, што ќе можат да ги користат за купување здрави оброци.
– Со оваа мерка, младите имаат една грижа од финансиска природа помалку за време на студирањето и ќе може повеќе да се посветат на суштината на процесот на едукација – рече Царовска.
Таа информираше дека наскоро ќе следува аплицирање за остварување на правото на студентска стипендија, а годинава МОН и Владата одлучија политиката на стипендирање значително да ја променат, за да се обезбеди што поголема поддршка на поголем број млади кои студираат на додипломски, постдипломски и докторски студии во државата.
– Годинава значително ги зголемивме износите на постојните стипендии. Сега сите се во висина од 6.050 денари месечно. За некои категории тоа значи зголемување за над 80 отсто од износот кој се исплаќаше досега. Непроменети останаа само стипендиите за студенти запишани на студии по математика, хемија и физика кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно – рече Царовска.
Таа рече и дека првпат се воведени стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки, за што се предвидени 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а по една деценија, повторно достапни се и стипендиите за постдипломски студии во државата, за што е предвидено да се доделат 50 стипендии од по 9.000 денари за девет месеци во годината.
Ова одлука на МОН ја поздрави претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Ева Цветковска.