Стојкова Серафимовска: Скандалозното носење на националната стратегија за заштита на културното наследство ја потврди несериозноста на власта да го заштити статусот на Охрид во УНЕСКО

Пратеничката вели дека работната група за подготовка на Стратегијата покажала банално непознавање на материјата и законите.

386

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владата на скандалозен и нетранспарентен начин ја носи Националната стратегија за заштита на културното наследство за периодот од 2021 до 2025 година и со тоа  се обидува да донесе уште еден исклучително штетен документ со кој се поткопува статусот на Охрид во УНЕСКО.

Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска на денешната прес-конференција рече дека само од предложените мерки и механизми во предлогот може да се заклучи дека тимот кој работел на нејзина подготовка покажува банално непознавање на материјата, законите и законските регулативи, правилниците и други подзаконски акти со кои се регулира заштитата на културното наследство.






– Зборуваат за дигитализација и немање соодветна опрема, а средства за купување на опрема во овие институции немаше ниту во Буџетот за 2020, ниту во Буџетот за 2021 година. Зборуваат за евиденција и документација, а единствениот Национален систем на културно наследство не функционира од февруари, 2018-та година. Зборуваат дури и за отворање на Центар за дигитализација, а притоа целосно го занемаруваат финансирањето на веќе постоечниот Центар за дигитализација кој е и УНЕСКО-ов Центар од втора категорија за регионот на Југоисточна Европа. Зборуваат за зајакнување на човечките капацитети, а изминативе години токму тие вработија сериозен број на партиски членови во институциите од областа на заштитата. Зборуваат за некакво вмрежување на институциите, а и самите не ги знаат ингиренциите на истите – рече Стојкова Серафимовска.

Според неа, предложената Национална стратегија за заштита на културното наследство е несериозен документ кој повторно покажува непочитување кон исклучително богатото движно, недвижно и нематеријално културно наследство во Македонија.

– Ваквиот однос уште еднаш ја потврдува агендата на оваа влада за обезличување на идентитетските маркери и обележја чиј носител е токму културното наследство. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува длабока почит кон културното наследство и неговата функција во општеството и заедниците. ВМРО-ДПМНЕ секогаш покажува дека знае како бидејќи ВМРО-ДПМНЕ почитува знаење, ум и разум, а не политиканство на штета на државата. Затоа, време е за оставка  – рече Стојкова Серафимовска.

 

 

Поврзани содржини