Договорите за работа по 64 години старост ќе можат да се продолжат само до 30 јуни 2022 година
Со измените на членот 104 од Законот за работни односи кои денеска треба да ги донесе Собранието секој кој навршил 64 години старост и има најмалку 15 години стаж ќе треба да оди во пензија.
Работниците кои ги исполниле условите за добивање старосна пензија и до 31 август годинава ќе го продолжат договорот за вработување, практично ќе можат да работат до 30 јуни 2022 година кога ќе треба да заминат во пензија. Ова го предвидува пречистениот и дополнет текст на измените на Законот за работни односи кој треба денеска да го изгласаат пратениците.
Измените на членот 104 од Законот за работни односи кој се однесува на пензионирањето на работниците и продолжувањето на работниот однос е на група пратеници од владеачката СДСМ. Тој беше усогласен меѓу пратеничките групи, а ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите.
Со овие измени секој кој навршил 64 години старост и има најмалку 15 години стаж ќе треба да оди во пензија.
„Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“, стои во измените на челнот од Законот за работни односи.
Со овие измени се регулира и правото на работникот да го продолжи вработувањето.
„За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2021 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/19).
Договорот за вработување важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 30 јуни 2022 година“, стои во членот 2 од дополнетите измени на законот.
Предложувачот на овие измени, група пратеници од СДСМ, најави дека за одредана категорија на работници во здравството и образованието и научните дејности ќе се дозволи продолжување на вработувањето и по исполниувањето на условите за пензија.
Од Министерството за труд и социјална политика, пак, појаснија дека жените, ако сакаат ќе можат да одат во пензија и на 62 години.
Доколку денеска пратениците ги изгласаат овие измени Законот ќе влезе во сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник“.