Воведуваат задолжителна ковид-вакцинација, проблем им се тие што не веруваат
За жал, имаме впечаток дека достигнавме одреден праг. Тешко е да се убедат оние кои немаат доверба, бидејќи сите аргументи и други видови дејствија се веќе направени - изјави Њеџиелски.
Полска го разгледува предлогот за воведување на задолжителна вакцинација за оние кои се изложени на најголем ризик од заразување со ковид-19, како што се здравствените работници, изјави полскиот министер за здравство, Адам Њеџиелски.
– За жал, имаме впечаток дека достигнавме одреден праг. Тешко е да се убедат оние кои немаат доверба, бидејќи сите аргументи и други видови дејствија се веќе направени – изјави Њеџиелски за „Радио плус“.
– Зборуваме за такви сценарија како воведување на задолжителна вакцинација за оние кои се најмногу изложени на сериозните последици од ковид-19. Под тоа подразбираме постари граѓани, но исто така, пред сè, лекарите и здравствените работници – рече тој.
Според него, постои можност за четврти бран на пандемија во втората половина на август, со оглед на зголемувањето на дневните случаи забележани во Велика Британија, пренесува „Ројтерс“.
– Имаме таква низа во Европа, што значи дека она што се случува во Британија тука се случува околу два месеци подоцна. Во нашиот случај, постои можност четвртиот бран да се појави во втората половина на август – рече министерот.
Полска, со население од околу 38 милиони луѓе, целосно вакцинираше 12,7 милиони луѓе, но властите предупредија дека имаат проблем да ги убедат оние кои сè уште не биле вакцинирани.