ХРАБРОСТ СРЕД ПАНДЕМИЈА Заминав на печалба во Малта кога сите се враќаа, но ризикот се исплатеше (ФОТО)

Најголемиот дел од Македонците кои сè уште се во Малта воопшто немаат отидено дома во последната година, работат колку да преживеат, или, пак, добиваат социјална корона-поддршка од државата која е во износ на минималната плата, раскажува 24-годишната Елена Блажевска од Скопје.

2,105

Решив да заминам во Малта тогаш кога сите нашинци-печалбари панично се враќаа дома поради пандемијата со коронавирусот. Не знаев што ме очекува кога ќе пристигнам таму, а не знаев ни дали воопшто ќе успеам да најдам работа, но сепак, го сторив тоа. За среќа, сè помина како што треба, сега имам супер работно место, добра плата и можам да кажам дека ризикот се исплатеше. Ова за Плусинфо го раскажува 24-годишната Елена Блажевска од Скопје, дипломиран оперативен менаџер, која вели дека одлуката да замине на печалба среде пандемија ја донела по низата неуспешни обиди и разочарувања кои ги доживеала додека барала достоинствено работно место во Македонија.

– Малта ми беше во план многу долго време пред пандемијата. Уште како мала им имав најавено на моите родители дека планирам да ја продолжам кариерата некаде во странство, па додека бев на факултет, добив шанса да можам да си изберам на кое место во Европа сакам да работам и да живеам. Уште веднаш знаев дека тоа е Малта. Сепак, со оглед на глобалната пандемија, тајмингот за преселување таму не ми беше баш најдобар, но сепак, цврсто бев решена да заминам. Подготовките за преселба ќе ги паметам како најстресниот период во мојот живот, а короната беше само јаготката на шлагот. Искрено, не можам ни да замислам низ што сè поминуваа моите најблиски додека јас тврдоглаво се подготвував да си го остварам сонот. Се плашев. Не знаев што ме очекува кога ќе стигнам таму, не знаев ни дали ќе треба да се вратам по три месеци. Како и да е, еве ме тука, жива и здрава, а сега можам и да одвојам време за да се вратам дома и да ги посетам родителите – раскажува Блажевска.






Нашинците едвај врзуваат крај со крај

Таа вели дека во овој период не е лесно да се најде работа во Малта, но дека таа ја имала среќата да се вработи како менаџер за комуникации во „Дорадо Гејмс“, компанија за видео-игри со германско потекло.

– Имав среќа да се вработам во фирма каде што многу лесно ме прифатија како дел од тимот. Многу сум среќна и работата ми е многу погодена. Вработена сум на договор од една година којшто се обновува, но секако, никој не може да даде целосна гаранција за долгорочно вработување со оглед на тоа што дозволата за престој во Малта ми зависи директно од договорот за работа. Најголемиот дел од моите колеги се Малтежани, како и газдите, и супер функционираме. Но, пак ќе кажам, пандемијата направи огромни промени и не секој печалбар тука живее баш онака како што посакувал. Најголемиот дел од Македонците кои сè уште се во Малта воопшто немаат отидено дома во последната година, работат колку да преживеат, или, пак, добиваат социјална корона-поддршка од државата која е во износ на минималната плата. Исто така, мора да спомнам дека кириите за изнајмување стан или куќа се и останаа многу високи, па на оние со помали плати им е многу тешко да врзат крај со крај. Во последно време државата почна да ги отвора вратите за повеќе туристи, па единствено тоа дава надеж дека оваа сезона има потенцијал да се врати животот во Малта.

Разликата во бројот на сезонските работници сега и сезонските работници пред пандемијата е огромен, додава таа.

– Ако ги тргнам настрана најочигледните локации како што се ноќните клубови и баровите, разликата се чувствува посебно на плажите, во автобусите, во маркетите. За време на слободните денови, на пример, би отишла на шопинг во Слиема или во Валета, а сосема сигурно беше дека таму ќе сретнам некој поранешен колега или цимер. Но, сега ниту оние редовни сезонци не успеаја да дојдат навреме за летната сезона. Од туристички аспект ќе ги спомнам Сент Џулијанс и Слиема, каде што секоја летна сезона по улиците немаше каде игла да се фрли, а сега може само да се видат валканите стакла од некогашните активни ноќни клубови. Исто така, голем број големи хотели се затворени и не се знае дали воопшто некогаш ќе ги отворат вратите. На почетокот и најголемите градои беа празни и тивки, како после војна. Малта без туристи и без сезонски работници е депресивна и носталгична – посочува Блажевска.

Не знам што е тоа полициски час

Во Малта никогаш не беше проглассен полициски час, но луѓето овде целосно ги почитуваа препораките што ги издаваше Владата, додава Елена.

– Јас откако сум тука, маските се задолжителни на сите јавни места, а до пред скоро време во рестораните не беше дозволено да седат повеќе од четворица на иста маса иако се од исто семејство. Во последните две недели, мерките полека се намалуваат со тоа што е најавено дека со сертификат за примена вакцина ќе се дозволи пристап на плажа без маска, како и на некои јавни места. Останатите правила се многу слични како и насекаде во Европа – ограничен број на луѓе во затворен простор, пристап во банки само со закажан термин. Мерките за влез и за излез од државата се менуваат од ден за ден, но главно се следат правилата најавени од ЕУ. А што се однесува на карантинот, јас имав голема среќа што фамилијата на моето момче Малтежанец се грижеше да ми се обезбеди сместување и сè што ми е потребно за тие 14 дена. Инаку, доколку не познавате никој тука, има опција карантинот да се помине во хотел, којшто се плаќа од ден и не е баш исплатливо. Јас одлежав два карантина во Малта, немав никакви проверки и идентификации, но знам дека казните за прекршување на оваа мерка се огромни.

Се вакцинирав без проблем

Апликациите за вакцинирање се отворени за сите луѓе кои поседуваат малтешка лична карта, па мене ми се јавија од Центарот за јавно здравје и ми закажаа термин, објаснува Блажевска.

– Моментално сум во процес на вадење сертификат за примена вакцина. Од 1 јуни беше отворен нов вебсајт којшто треба да овозможи доделување сертификати за сите вакцинирани лица на Малта, а со тие сертификати ќе можеме без проблем да патуваме низ Европа. Вакцината моментално е олеснителна околност, така што, најголем дел од новите мерки важат само доколку имате потврда за примена вакцина. На пример, најавено е дека од почетокот на јули на јавно место ќе можат да се движат најмногу четворица само ако се вакцинирани. Кога станува збор за патувањата од и до Малта, вакцините се од огромна важност, бидејќи на тој начин се избегнува карантинот веднаш по пристигнувањето.

Елена посочува дека патувањето од Малта до Македонија во моментов е прилично комплицирано.

– И патувањето до дома беше интересно да се планира. Идејата ми беше да се вратам околу почетокот на јуни, но директните летови Скопје-Малта еден по еден беа сите откажани. По скоро месец дена пауза, одлучив на дојдам до Македонија преку Ниш, откако почекав да се осигурам дека и тие летови нема да бидат откажани во последен момент. Враќањето до Малта е малку поризично, па затоа размислувам да се вратам со претовар преку некој европски град како Виена, Венеција или Рим. Искрено се надевам дека со опуштањето на мерките во последно време конечно ќе почнат и летовите од Скопје до Малта, затоа што знам дека и голем број Срби и Македонци се враќаат со летот преку Софија, којшто е многу поскап, патот е подолг, и поради лично искуство,  јас не го обожавам аеродромот во Софија.

Трепкачите се научна фантастика

Иако најчесто се почитуваат сообраќајните правила и прописи, трепкачите во Малта се научна фантастика, раскажува Елена.

– Малтежаните имаат развиено сообраќајна култура, но ете, си имаат некои работи по коишто се препознатливи. Верувајте, никаде на улиците нема да забележите активиран трепкач од некое возило. Државните услуги исто така се неверојатно бавни, но да не се лажеме – на тоа бев навикната уште од дома. Во моментов, сите молови работат до 19 часот, исто и продавниците за облека, аптеките, книжарниците и супермаркетите. Доколку не живеете во близина на центарот, тогаш треба да брзате после работа за да испазарите, бидејќи ништо не работи по 19 часот. Да не ја заборавиме и 4-часовната пауза од 12 до 16 часот, тоа е време за одмор. За разлика од кај нас, каде што скоро сите мали бизниси работат во две смени, тука се работи во една смена со 4 часа пауза. Државните институции и банките работат до пладне, за разлика од нормалното време кај нас до 16 часот.

Од најомилените работи во Малта, Елена ги издвојува високиот стандард и временските услови.

– Тука можам да си дозволам голем дел од работите за коишто би требало со месеци да штедам во Македонија. Со правилна едукација и со малку искуство, може да се стигне до убава работа со која убаво може да се живее. За мене е многу важно и тоа што семејствата со мали деца имаат време и пари за да си дозволат викенд на Гозо, редовна вечера во ресторани и слични уживанции. Тука се и временските услови. Иако за време на летите месеци влажноста на воздухот е неверојатно голема, мене сонцето многу ми влијае на расположението и нивото на енергија. Многу ретко им врнежливи денови. Што се однесува на можностите за вработување, јас имав шанса да работам во неколку фирми во Македонија и на ниедно место не бев почитувана како што сум тука. Многу е нормално да побарате покачување на платата после една година, да побарате промена доколку нешто не ви се допаѓа или да очекувате унапредување доколку сте го заслужиле тоа. Платата овде е редовна и најважно, шефовите ги почитуваат работниците.

Поврзани содржини