„САД не можат да бираат дали ќе играат голема улога во светот, или не. Тие мораат да играат голема улога. Единствено за што можат да одлучуваат е дали таа голема улога ќе ја играат добро или лошо. Својата безбедност веќе не можеме да ја мериме со милјите на некоја мапа … Како нација можеме да бидеме горди поради фактот што имаме меко срце, но не можеме да си дозволиме да бидеме со слаб ум“ (Френклин Делано Рузвелт).
Првиот светски „џандар“, новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, на кого типуваа паметните европјани (и Албанците кај нас и по Балканите), додека останатите – останаа со трампавите, или, Трамповите уши, вчера, повторно стапна на европско тло. Додуша одвоено од европското копно, но, сеедно, Чичко Џо, повторно се врати и навистина се врати – сега во нова улога.
„САД не можат да бираат дали ќе играат голема улога во светот, или не. Тие мораат да играат голема улога. Единствено за што можат да одлучуваат е дали таа голема улога ќе ја играат добро или лошо“, беше девизата на воинот од Втората светска војна, Френклин Делано Рузвелт.
Трамп беше само една контроверзна, понекогаш карикатурална попатна станица, зашто, уште Томас Џеферсон беше започнал со неизбежноста од ширење и експанзија надвор од првичните, оригинални, 13 држави на САД.
Големите сили се раководат од реалполитиката и трговските интереси, додека технологијата и трговијата ја намалуваат земјината топка и станува сѐ потешко да се одреди кои интереси се витални, а кои не се. Што би рекол чичко Денко Малески, во САД ручекот се плаќа и што би додала тетка Рада – нашите интереси, се интереси и на САД.
Трамповото America First, може да се чита и двозначно: и за подома и за понадвор!
Џо Бајден, пред да ја прелета големата бара – кон истокот (гледано и географски и политички), си ја поплочи патеката со големото предупредување кон Рисија и Путин: „седи мудро да не носиш модро!“, како и кон балканските лидери, кои легнуваат и се будат со мамурлакот за нови граници и нови профити во нивните портфолија.
Балканските „Големи риби“, сега е веќе сигурно, наголемо ќе пливаат – ГРБНО! Симнати се дипломатските ракавици, кој не слуша песна – ќе послуша олуја! Во Тирана, Бериша е одамна отпишан, истото го стигна и актуелниот претседател Мета, втората албанска мета за отстрел. Ем поради „силните зборови“ кон амбасадорката во Тирана, ем поради корупцијата и богатењето врз грбот на народот. Оние што пречеа на Косово, ставени се под сенка во Шевенинген, Вучиќ се препотува, босанските лидери ќе бидат претопени.
Сега е веќе јасно дека последниве три децении на балканците им го попапаа скакулците. Ако ја изземеме Словенија, во сите останати републики на поранешната ЈУ Федерација, народите живеат полошо и помалку среќно. Во секој случај, тогаш се живееше поправично отколку денес и насекаде, сеедно дали владеат националисти и конзервативци, социјалдемократи и социјалисти – СИТЕ СЕ ИСТИ! За социјална правда и еднакви можности ни текнува само три дена пред избори!
Изминативе неколку дена во Охрид атракција беше, од Јосип Броз Тито, најсаканиот внук, неговиот истоименик и презименик – Јосип Броз Јошка. Самиот, на 75 години, извози од Белград до Охрид и назад, за да потпише пристапница, како „најнов и најмлад!“ член на бригадирите -акцијаши од „Брегот на младоста“.
Домаќините го прашаа дали сака да ја види прекрасната вила „Биљана“, сместена на височинката наспроти градот, измислена од самиот Господ: „не долази у обѕир, то су пужеви изградили сами за себе“!!!
Тоа е тоа. Луѓето не пекаат по Југославија како кон политички систем, туку пекаат по квалитетот на животот. Охрид тогаш го имаше и хотелот „Палас“ – еден опд најрепрезентативните во тогашна Југославија (сега олигархиска руина среде градот, најверојатно за полесно да го срушат за станови!?), но го имаше и работничкото одморалиште „Орце Николов“.
Градоначалникот Константин Георгиевски, почна да руши (вели неселективно!) дивоградби од метални колци забиени во срцето на Езерото, во друштво на полиција и бодигарди. Под притисок на УНЕСКО, статусот, исто така, стекнат во времето на Маршалот.
Премиерот го охрабрува, го охрабруваме и ние, ама ако ги остави авлиите и приватните пристаништа под Титовата вила -тогаш ништо од бизнисот!?
„Овде не видим себе“! Ова е најчестиот одговор, од Охрид и Гевгелија до Сплит и Риека. Регионалната иницијатива „Поврзување на младите“ во рамките на Берлинскиот процес, открива дека повеќе од 50 отсто од младите по Балканите, сакаат да заминат „главом без обзира“! Ним не им треба помирување, сите тие се родени после крвавиот југословенски распад, ним им треба поддршка. Слични им се и маките и желбите и надевањата. Исто така – половината се оптимисти дека, сепак, ќе нè биде.
За официјален почеток на физичкиот распад на СФР Југославија најголем број автори го сметаат 25 јуни 1991 година, кога Собранието на Република Словенија еднострано прогласи независност, а два дена потоа започнаа вооружените судири помеѓу ЈНА и Територијалната одбрана на Словенија.
ООН ја признаа независноста на Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина на 22 мај 1992 година, а претходно на 29 ноември 1991 т.н. „Бадинтерова комисија“ на Европската заедница (подоцна Европската унија), составена од претседателите на уставните судови на Франција, Германија, Италија, Шпанија и Белгија, објавија „Мислење“ со кое се констатира дека Југославија се распадна, а границите помеѓу бившите федеративни единици ќе се сметаат како државни граници на новонастанатите држави, кои, со сила не можат да се променат.
Јошка Броз, вчера ми сведочеше дека дедо му Јосип Броз Тито, му признал дека погрешил што во 1974 година, кога ставил потпис врз новиот Устав на СФРЈ, кога југословенската федерација де факто постана конфедерација, што е оценка и на дел од научниците и историчарите.
Некои авторитети мислат дека распадот продолжи и после тоа, со независноста на Србија и Црна Гора, но и со едностраното прогласување на независноста на Косово, во 2008 година.
Војните во 90-тите години донесоа многу жртви и трауми. Распадот на Југославија беше многу крвав, со над 150 илјади мртви и се смета дека процесот на распаѓање заврши со Дејтонскиот мировен договор во 1995 година. На Додик, Изетбеговиќ и Човиќ, директно, а на Вучиќ индиректно, Чичко Џо ќе им го повтори и во оваа прилика.
Во април годинава балканската, но и пошироката светска јавност се разбрани со веста дека словенечкиот премиер Јанез Јанша, наводно, испратил т.н нон-пејпер до авторитетите на ЕУ во Брисел под наслов: „Конечното распаѓање на Југославија“, што значи дека во некои кругови сè уште се размислува за дополнителни менувања на постоечките граници на територијата на поранешна Југославија.
Јавноста кај нас, но и пошироко, со големи емоции реагира по социјалните мрежи на неконвенционалните изјави на ексминистерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, дека Северна Македонија не може да започне преговорите со ЕУ, односно Бугарија ќе ја блокира, сè додека се почитува и слави ликот и делото на Јосип Броз Тито.
30 години по крвавиот распад, се поставуваат прашања за многу феномени што се поврзани со постоењето и распадот на СФРЈ: дали постои југословенство, југословенски идентитет, југо носталгија, (пост) југословенска култура и југословенско наследство?
Се чини, токму навреме, професорот д-р Рубин Земон и Центарот за напредни истражувања од Скопје, во партнерство со академската мрежа за соработка во ЈИ Европа, во Скопје подготвуваат (25-27 јуни), ONLINE Меѓународната конференција „Духот и сенките на Југославија: рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ“.
Научните дебати ќе го рефлектираат широкиот спектар прашања поврзани со размислувања и процеси околу распаѓањето на Југославија, а поканети се научници, студенти на докторски и магистерски студии, истражувачи и практичари од историјата, политичките науки, економијата, антропологијата / етнологијата, историјата на уметноста, географијата, социологијата, психологијата, културното наследство, медиумите, архитектурата, како и други дисциплини во хуманистичките, општествените и други науки и уметности.
Смртта на некои музички и филмски екс Ју ѕвезди, духовно ги обедини граѓаните од сите држави што произлегоа од СФРЈ заедно да тагуваат. Луѓето излегуваа по градските плоштади и колективно пееја песни на починатите Оливер Драгојевиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, со прилично голема доза на емоции на југо-носталгија.
Пораката што Балашевиќ ја кажа додека беше жив, дека „.и покрај државните граници ние секогаш ќе бидеме земјаци.“, на големо се споделуваше по социјалните мрежи.
Впечатливо беше и како граѓаните од сите екс ЈУ земји, неколку седмици, тагуваа за Тоше Проески, музичка ѕвезда, што својата слава ја направи по распадот на Југославија, насекаде доживуван како „наша ѕвезда“.
Познатиот режисер Лордан Зафрановиќ, во една прилика ќе изјави: „Титовата Југославија беше врвот на цивилизацијата на тие несреќни народи, и сметам дека никогаш повеќе во својата историја нема да бидат на тоа ниво, со угледот, со силината, со социјалните состојби, кога имаа бесплатно школство, болници, летувалишта, кога цветаше уметноста …“.