Заев на вечера кај Ердоган: Отвораме повеќе врати за турските инвеститори ВИДЕО

754

Премиерот Зоран Заев за време на еднодневната работна посета на Република Турција вечерва се сретна со претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган, соопшти владината прес-служба.

На работната вечера во Истанбул, на која присуствувал и министерот за здравство Венко Филипче, премиерот Заев и претседателот на Турција разговарале за взаемните пријателски односи исполнети со динамична соработка во повеќе области.

Заев ја потенцирал исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турските компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.

– Економската и трговската соработка се витални – рекол Заев за време на работната вечера, додавајќи дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија кој е во подготовка, а кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори.

„Заев и претседателот Ердоган споделија дека Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право“, се наведува во соопштението.

Претседателот Ердоган во делот на своето добредојде до гостите истакнал дека во срцата на граѓаните на Турција, Северна Македонија има посебно место како земји кои имаат одлични односи и длабоки историски врски.

Ердоган потенцирал дека и покрај пандемијата двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.

На средбата во Истанбул било истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.

Премиерот Заев изразил надеж дека претседателот Ердоган наскоро ќе ја посети С Македонија, како континуитет на заемните посетите на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите.

Поврзани содржини