Шилегов и Мицкоски во целодневна Фејсбук кавга за противпожарното возило
Шилегов вели дека не го изненадил одговорот на Мицкоски, за како што вели манипулациите со фејсбук постови за цената на противпожарното возило. Мицкоски пак, му возврати дека како професор не би му пишал преодна оценка и да се држи до правото.
Продолжи Фејсбук преписката помеѓу скопскиот градоначалник Петре Шилегов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за противпожарното возило.
Шилегов вели дека не го изненадил одговорот на Мицкоски, за како што вели манипулациите со фејсбук постови за цената на противпожарното возило. Мицкоски пак, му возврати дека како професор не би му пишал преодна оценка и да се држи до правото.
„Манипулативно, кога зборуваш за цената, за цената на загребската скала кажуваш цена без ддв, а за скопската со ддв. Така ти изгледа поспектакуларно, нели ? Тогаш, скопската не е 1.7 милиони евра, туку 1.4. Ова е список на дополнителната опрема која што ја има скопското, но го нема загебското возило (дополнителна опрема во доградбата): компјутерска стабилизација на корпа, РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус монтажа на корпа носилка за повредени, фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа, електромагнетна стабилност, агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото), негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус, сајла за спуштање на пожарникари, дополнителна скала за од корпа до кров, довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на сама корпа, подвижен под на корпа, компјутерска нивелација на цела надградба лево десно“, напиша Шилегов.
Тој додаде дека списокот е подолг и дека ова се основните разлики.
„Веројатно сега ти е појасно зошто и каде има разлика во цената ? Загреб во изминативе 30 години набави 5 вакви возила. Ова им е шесто. Скопје ниедно. Ова е прво. 27 години владеевте во Скопје. Ниту ЕДНО возило … Не се лути на тие што те наместиле да се излеташ денес. Со задоволство ќе ти ја доставам целокупната документација. И на скопското и на загребското возило. Сам да ја воочиш разликата. Дури и кафе ќе те почастам (за брља, барај си ги твоите од пратија што денес дадоа такво соопштение (одговор)) и размисли, добро размисли, каде ја водиш својата партија и нашата Македонија (Република Северна Македонија) со ваквото свое „раководење”, напиша Шилегов на Фејсбук.
Мицкоски на Фејсбук му одговори на Шилегов.
„Навистина, не ја разбирам потребата на градоначалникот да ми се обраќа во второ лице еднина, лично не се сеќавам дека сме толку блиски, иако прилично добро му го знаеме неработењето и таа заразна мрзливост на скопските градоначалници да не се работи за својот град. Второ, го претпоставив одговорот, сигурно скалата имала „дополнителна опрема” што вреди повеќе од двојно од таа во Загреб. Господине Петре Шилегов, јас како доктор по технички науки и професор на МФС не би Ви пишал позитивна оценка за овој испит (транспортни машини и уреди), затоа што или книга не сте фатиле или ептен рацете Ви се во медот. Како човек ќе Ви порачам, држете се до занаетот како адвокат, ќе Ви треба од ноември па натаму да го докажете пред друга институција ова што невешто го пишувате“, пишува Мицкоски.
Тој вели дека е чудно како дополнителната опрема чини отприлика колку што е делот за фирмата во која косопственик е зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов, секретарот на град Скопје.