Нема пречка новите обвинители да ги довршат старите предмети, Јовески ќе пресече
Не постои законска пречка обвинителите да продолжат да постапуваат по предметите во кои досега постапувале. Во голем дел од предметите има по двајца обвинители и ќе се процени дали има потреба тие предмети и натаму да продолжат со двајца обвинители или само со еден. При распоредувањето, обвинителството ќе се раководи од тоа да не се одлагаат рочиштата и да се постапува ефикасно, велат од Основното јавно обвинителство.
Основното јавно обвинителство вели дека нема законска пречека истите обвинители да продолжат да постапауваат по предметите и по вчерашниот избор на новите обвинители и дека при распределбата на предметите ќе се води сметка да се постигне ефикасност и да не се одложуваат судски рочишта.
Советот на јавни обвинители вчера ги избра обвинителите Фатиме Фетаи, Бурим Рустеми, Сашо Рајчев, Снежана Бундалевска и Наум Пановски во Вишото обвинителство во Скопје. Ова обвинителство застапува предмети по жалба пред Апеацискиот суд.
Петмината обвинители кои беа избрани во Обвинителството за гонење организиран криминал, пак можат да продолжат да ги водат предметите во Кривичниот суд, но сепак ќе треба да се почека конечната одлука на јавниот обвинител Љубомир Јовески. Според одговорот од Обвинителството на прашање на Плусинфо, од што ќе зависи ако има нова прераспределба на предметите, станува јасно дека, целта ќе биде да се избегнат непотребни одложувања на судските процеси, но ќе се се преиспита и потребата од двајца обвинители на еден предмет. Во четири, предмети познати во јавноста „Поштенска банка“, „Моќник“, „Титаник 2“ и „Друмарина“ обвиненијата ги застапуваат некои од унапредените обвинители, но Законот за јавното обвинителство не пропишува забрана тие да продолжат да ги застапуваат истите предмети.
– Процедурата за назначување на избраните јавни обвинители на нивните нови функции е во тек. По нејзиното завршување, Јавното обвинителство ќе донесе одлука во поглед на застапувањето на предметите во нивна надлежност. Не постои законска пречка обвинителите да продолжат да постапуваат по предметите во кои досега постапувале. Во голем дел од предметите има по двајца обвинители и ќе се процени дали има потреба тие предмети и натаму да продолжат со двајца обвинители или само со еден. При распоредувањето, обвинителството ќе се раководи од тоа да не се одлагаат рочиштата и да се постапува ефикасно – велат од Основното јавно обвинителство.
Обвинителството со кое раководи Вилма Русковска вчера доби засилување од обвинителите Наташа Поп Трајкова, која доаѓа од струмичкото обвинителство, потоа Артан Ајро, Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов, кои беа во тимот на поранешното СЈО, како и Катерина Коларевиќ која пред изборот беше во скопското обвинителство.