Како ковид-системот нѐ убива и никому ништо
За жал и по една година од пандемијата и покрај многубројните донации што ги доби Министерството за здравство не се набавија пулсоксиметри, како што практично предложи д-р Нико Беќаровски, кои матичните лекари би им ги позајмувале на пациентите за да си ја следат сатурацијата и да знаат кога да се јават во болница. Затоа, се случува, како што најчесто здравствените власти ја правдаат високата смртност, дека пациентите предоцна се јавиле во болница.
Слободно вие разболувајте се, има слободни кревети. Оваа порака Министерството за здравство им ја испраќа секој ден на граѓаните на Македонија додека соопштува за растечки бројки на хоспитализирани пациенти поради компликации од коронавирусот и истовремено смирува со податокот дека има доволно слободно кревети.
Заклучно со вчера, вкупната бројка на пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во земјава е 1.448 и имало околу 270 празни болнички кревети. Во средата во Скопје се хоспитализирани рекордни 81 нов пациент поради компликации од корона вирусот, а до вчера утрото во 8 часот имало само 70 слободни места. Што значи ако и вчера имало толкав наплив на пациенти и тие 70 кревети се веќе пополнети со нови пациенти. Односно, тоа значи дека веќе денеска во Скопје нема да има празен кревет или експресно ќе се пренаменуваат нови и нови клинички оддели за прием на вакви пациенти на сметка на другите здравствени потреби на граѓаните.
Каква друга пракса почна деновиве за да се покрие недостигот од кревети? За да се отвори простор за нови пациенти, болниците веќе почнаа и рекордно да испуштаат пациенти, така што вчера во Скопје се испуштени дури 55 „оздравени“ пациенти. Како ќе биде денес ќе видиме кога ќе стасаат најновите бројки за вчерашниот тек на хоспитализациите.
Колку за споредба, во Скопје вчера во болница се лекувале вкупно 613 лица со ковид-19, а во Прилеп 119, во Куманово 116, Охрид 94. Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 835 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.
Не е доволен само кревет
Дека не е доволен само кревет покажува и примерот со 23-годишната девојка која почина во средата, а била хоспитализирана поради проблеми со дишењето во еден од ковид центрите од интернистичкиот клинички блок.
– Поради влошување на состојбата, пациентката во многу тешка состојба е префрлена на Клиниката за инфективни болести, каде е продолжено со интензивно лекување. Пациентката не одговарала позитивно на терапијата и за цело време ѝ се влошувала состојбата – објаснија од Министерството за здравство.
Нејасно е зошто пациентката, за која било познато дека имала хронично заболување, веднаш не била примена на лекување на Инфективната клиника, туку во друг ковид центар, каде ги нема истите услови за лекување како на оваа клиника. Ова прашање се поставува и поради фактот што на Клиниката за инфективни болести имало место за згрижување бидејќи таму според вчерашните бројки лежеле 138 пациенти, а капацитетот е 170 заедно со модуларната болница.
На прашањето зошто девојката била префрлена на Инфективна клиника од ковид центар кога ѝ се влошила состојбата и кои медицински услуги нема можност да им се пружат на пациентите во ковид центрите па мораат да бидат префрлани на Инфективната клиника, од Министерството за здравство одговорија:
– Од почетокот на ковид пандемијата, на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ се третирале, а се третираат и сега најтешките ковид пациенти. На сите ковид оддели во државата пациентите ја добиваат потребната нега, терапија која е утврдена со протокол за болничко лекување. Сите ковид оддели се опремени и со довод на кислород. Вирусот е многу непредвидлив и се случува кај пациенти болеста да прогресира, од таа причина доаѓа до трансфер на пациентите на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“ на одделите за интензивна нега.
И покрај тоа што месецов има двојно зголем број на починати од ковид-19 во болниците, ниту од Министерството за здравство ниту од Институтот за јавно здравје не сакаа да дадат прецизни податоци за тоа колку лица починале во ковид центрите, а колку на Инфективната клиника или во „8 Септември“. Тие упатуваат на збирната бројка на починати објавени на веб страницата на Институтот, каде не се разграничени починатите по болници или по ковид-центри. Оваа бројка повторно би упатила на прашањето за разликите во лекувањето и негата што ја добиваат пациентите згрижени каде било и на соодветните клиники.
Несовесно лекување
Битката за болнички кревет почнува како битка за кислород. За жал и по една година од пандемијата и покрај многубројните донации што ги доби Министерството за здравство не се набавија пулсоксиметри, како што практично предложи д-р Нико Беќаровски, кои матичните лекари би им ги позајмувале на пациентите за да си ја следат сатурацијата и да знаат кога да се јават во болница. Затоа, се случува, како што најчесто здравствените власти ја правдаат високата смртност, дека пациентите предоцна се јавиле во болница.
– Пулсоксиметар е мал но значаен инструмент во превенција на доцното доаѓање во болниците при компликации од ковид-19. Со негово ставање на вашиот прст за неколку секунди ви овозможува да дознаете колку проценти ви е заситеноста на крвта со кислород и колкав ви е пулсот, два есенцијални параметри за влошување на состојбата. Со само 100.000 евра може да се купат 10.000 вакви апаратчиња кои би се давале на сите болни кои се лечат дома. Пациентите три пати дневно би ги мереле оксигенизацијата и пулсот и при пад на параметрите веднаш би го алармирале својот надлежен лекар. По оздравувањето, истиот би бил вратен и дезинфициран за следните болни, а на крајот од пандемијава би им се поделиле на сите заболени со астма и ХОБС – предложи Беќаровски уште лани во октомври, пред налетот на најсмртносниот ноемвриски бран.
Што се случува без пулсоксиметри? Бидејќи немаат начин како да измерат сатурација, тие што воопшто знаат дека тоа е битно, се принудени да одат на Инфективната клиника, на пример, само за да им биде измерена сатурација и да дознаат дали се во загрозувачка состојба или не. Оние другите се доведуваат во тешка состојба и во битка за воздух, но и за кревет и за живот.
– Хоспитализација на пациенти се врши на два начина – преку закажување од страна на матичниот лекар или директно преку службата на Итната медицинска помош (ИМП) во доцните вечерни или рани утрински часови, во случај на итност. При лекувањето на пациентот во домашни услови, бидејќи матичниот лекар е оној кој има увид во здравствената состојба препорачува хоспитализација врз основа на стручна проценка. Тој преку „Мој термин“ има увид во состојбата на ковид центрите и резервира место за хоспитализација. Во случај состојбата на пациентот непредвидено да се влоши во текот на ноќта, пациентот или фамилијата се јавува во Итната медицинска помош која е на располагање 24/7 и во тој случај, ИМП ја извршува хоспитализацијата преку својата служба по претходна резервација на слободен болнички кревет – велат од Министерството за здравство.
Доколку пациентот самиот дојде во болница или во ковид центар му се пружа потребната грижа преку амбулантскиот дел и доколку има потреба од хоспитализација, тој се хоспитализира веднаш, додаваат од таму.
Дека не оди сѐ така мазно знаат граѓаните кои искусиле на своја кожа како е во морето слободни кревети во ковид центрите да се најде празниот, а знаат и матичните лекари кои сведочат дека некогаш со часови ѕвонат по клиниките и бараат помош за прием, а оттаму добиваат само молк.
Многу аспекти од стратегијата во нашиот ковид-систем упатуваат на несовесно и немарно постапување при градењето на стратегијата за лекување, немање соодветни протоколи, разлики во лекувањето од еден до друг ковид центар, нетранспарентност на здравстените власти кои колку повеќе се продлабочува кризата толку повеќе ги затвораат информациите од јавноста (дури престанаа да информираат и за возраста на починатите!?), неискрен однос кон пациентите и кон граѓаните (та толку ли е тешко да се каже: Бидејќи не можеме да ве лекуваме, а уште помалку да ве вакцинираме, мораме сѐ да затвориме додека не биде поинаку).
Не е далеку денот кога некој од семејствата на починатите досега 3.574 ќе покрене спор за начинот на нивното лекување и за немањето национална стратегија за заштита на здравјето на граѓаните, кое нели е највисока вредност и според Уставот на нашата земја.