Костовски побара оставка од сите членови на Антикорупциска
Чувството дека Народна банка е недопирлива е страшно! Гоните организиран криминал и корупција, а ги заобиколувате институциите кои во основа се центар на ова општествено зло, наведува Костовски.
Бизнисменот Трифун Костовски денеска побара оставка од сите членови на Антикорупциската комисија зашто таа и по седум месеци од носењето во стечај на Еуростандард банка не отворила предмет.
„Не можам да разберам со каква леснотија ги маргинализирате моите повици дека се работи за организиран криминал со носењето на Еуростандард банка во стечај, каде се оштетени многу правни и физички лица, вклучително и ние акционерите. Вие како тело задолжено да се занимавате со вакви проблеми, па дури и како повод може да биде допрен глас, до денес не отворивте ниту предмет, ниту покажавте интерес за решавање или следење на овој мега скандал кој порано или подоцна ќе пукне. Вашето место е точно на браникот вие да ја преземете истрагата и вие да застанете во одбрана на сите оштетени од овој стечај. Молкот од ваша страна јас го сфаќам како аминување на организираниот криминал. Не заборавајте, вие сте платени со наши пари и должни сте да го браните нашиот интерес. Сервилноста на политичките структури не е во ваш интерес, а уште помалце во интерес на граѓаните. Чувството дека Народна банка е недопирлива е страшно! Гоните организиран криминал и корупција, а ги заобиколувате институциите кои во основа се центар на ова општествено зло“, наведува Костовски.