Она кое што можам да го заклучам и врз основа на информациите и впечатоците кои што ги добивам е дека македонската економија е буквално на колена, разурната, тешко се стопанисува, тешко се остварува приход, македонската економија е во рецесија, нема развој, ниту пак има било каков план за развој на македонската економија и сето тоа е така поради погрешните политики на СДСМ и Зоран Заев, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата на МИК Свети Николе.
– Откако се власт, успеа да ја задолжат државата за 2 милијарди евра, а назад да вратат во македонската економија нема ништо, бидејќи ако ја видете бројката на почетокот од формирањето на првата влада на СДСМ и Зоран Заев, мај 2017 и ја споредите со бројката со која што ја завршивме 2020 година ќе видиме дека БДП е ист, а задолжувањето се зголемило за цели 2 милијарди евра – вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, практично нема раст на македонската економија, но има задолжување поголемо од 2 милијарди евра. Тој додаде дека, затоа пак имаме мултимилионери во едно семејство кое што е владејачко во државата, односно семејството на премиерот Зоран Заев.
– Зошто Македонија е сиромашна земја со богат премиер, ќе добиете одговор на ова прашање со едноставно споредување на богатството еве да речеме на семејството на францускиот претседател господинот Макрон, или пак германската канцеларка и ако го споредите со богатството на семејството на нашиот премиер, ќе добиете одговор дека семејството на нашиот премиер, е два до три пати, или пет, или десет, или сто пати би рекол побогати од семејствата на европските лидери. Затоа имаме сиромашна држава, држава во која што цвета криминалот, цвета корупцијата, а имаме сиромашни граѓани, економија во рецесија, на врвот сме на листите по перцепцијата за корупција и криминал, на дното сме по развој на економијата, на дното сме по бруто инвестициите, на дното сме по директните странски инвестиции – рече Мицкоски.