Во следните четири месеци нема шетање на Кеј
Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во определени часови, преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот „13 Ноември“.
Сервисната улица на кејот на реката Вардар ќе може да се користи за ограничен број возила, во временскиот период од 8 до 9 и од 14 до 17 часот, изјави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на почетокот на партерното уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од плоштадот до улицата Стив Наумов, кај хотелот „Холидеј Ин“.
– На овој простор предвидуваме и усогласено решение со луѓето кои овде имаат бизнис, тоа се угоститетелите со цел целиот простор да добие нов квалитет и нов изглед онака како што заслужува нашето Скопје – рече Шилегов.
Терасите кои ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и ќе бидат поставени на начин кој ќе овозможи да дојде до израз дрворедот од повеќегодишни дрвја. Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во определени часови, преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот „13 Ноември“.
Шилегов нагласи дека конечно се спречува самоволието и хаосот на непрописно паркирани возила кои, како како што рече, последните десетина години го правеле небезбедно и движењето на пешаците и работењето на угостителските објекти.
Проектот за партерно уредување на кејот „13 Ноември“ е вреден 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Град Скопје. Рокот за изведување на проектот е четири месеци.
Се работи за површина од 12.500 метри квадратни, која ќе го поврзе плоштадот со улицата Стив Наумов. Предвидено е ново поплочување, патека за лица со инвалидност, дрворед, ќе бидат поставени клупи, нова урбана опрема, смарт-клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери, канделабри, рефлектори за осветлување…
На одбележувањето на почетокот на градежните работи, присуствуваше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека сопствениците на угостителските локали на кејот ќе направат демонтажа на летните тераси за да се овозможи непречено извршување на работите.
– Тоа ми потврдува дека и тие, како и сите граѓани на Скопје и градските власти, ја препознаа дополнителната вредност на овој проект. Модерно уредениот кеј ќе ја зголеми фреквенцијата на посетители и ќе поттикне поголем број туристичка раздвиженост на Кејот, а тоа значи и повеќе гости во рестораните – рече Заев.