Гувернерот на Њујорк призна дека криеле бројки на починати од ковид-19

Најмалку што сакав е да ја влошам и онака ужасната ситуација. На барањата на граѓаните и новинарите за објавување податоци не се одговараше навремено - појасни тој.

318

Гувернерот на американската држава Њујорк Ендрју Куомо призна дека неговата канцеларија го криела од јавноста вистинскиот број на пациенти кои починале од ковид-19 во домовите за стари лица. На прес конференцијата тој рече дека тоа било погрешно и оти претставува „научена лекација за тоа што се случува кога не се објавуваат податоци“.

– Најмалку што сакав е да ја влошам и онака ужасната ситуација. На барањата на граѓаните и новинарите за објавување податоци не се одговараше навремено – појасни тој.






Повеќе од 15.000 луѓе починаа во домови за стари лица во Њујорк од ковид-19, но државата соопшти само 8.500. Иако вкупниот број на смртни случаи се појави во збирните податоци на државно ниво, не е прецизирано дека станува збор за корисници на домови за стари лица кои починале во болници.

Кон крајот на јануари, државната јавна обвинителка летиша Џејмс објави извештај според кој државното Министерство за здравство соопштило за 50 отсто помал број на смртни случаи од ковид-19 меѓу штитениците во домовите за стари лица.

Минатата седмица, високата советничка на Куомо, Мелиса ДеРоса, приватно се извинила на пратениците од демократската партија поради прикривањето на бројот на починати, појаснувајќи дека мотивот за таквата одлука било тоа што стравувале дека сојузните власти, за време на мандатот на Доналд Трамп, тоа некако би го „искористиле“ против државата Њујорк. За време на конференцискиот повик, како што пренесе Њујорк Пост, таа рече дека во тоа време сојузните власти побарале податоци за починатите во домовите за стари и изнемоштени лица, при што „токму во тоа време кога (Трамп) го претвори во голем политички фудбал“.

– Тој тогаш почна да твита дека сме ги убиле сите во домовите за стари лица – рече ДеРоса, додавајќи дека Трамп го насочил Министерството за правда да почне истрага.

На синоќешната прес конференција Куомо призна дека политички претставници во парламентот на Њујорк и Секретаријатот за правда барале податоци уште во август, како и голем број медиуми. Тој посочи дека било одговорено само на секретаријатот, додека другите барања не ги разгледувале.

По признанието на Куомо, следуваа гневни реакции и од републиканските и од демократските законодавци во Парламентот на Њујорк. Оценувајќи дека станува збор за „забошотување“ тие најавија дека повторно ќе размислат за одлуката на Куомо да му се дадат овластувања во вонредната ситуација предизвикана од пандемијата.

– Тој ја изневери довербата на јавноста и за тоа треба да сноси одговорност – напиша демократскиот сенатор Ендрју Гундарес.

Поврзани содржини