Скијањето носи повеќе пари од дувањето, а и поздраво е!

„Јахорина е нашата нафта“, рече човекот што за две години го обнови стариот зимски туристички центар и од него направи фабрика за пари што денес ја влече економијата на Република Српска. Нашата влада, пак, е убедена дека марихуаната е „нашата нафта“. И така, остануваме земја без зимски туристички центри, додека на Шар Планина и на Бистра се закопани ќупови злато. Нема кој да ги откопа.

3,753

Неколку години по ред, пред крајот на зимската туристичка сезона, ја повторувам истата жалопојка – Македонија има огромен потенцијал за развој на зимскиот туризам, но попусто. На Шара и на Бистра се закопани ќупови злато, но нема кој да ги откопа. Малку ми е непријатно што се повторувам, но не можам да одолеам. Едноставно, темата е претерано важна, бидејќи тврдам дека станува збор за најголемиот развоен ресурс со кој располага нашата земја.

Се сеќавам на една инспиративна изјава на Дејан Левнајиќ, човекот чие име веројатно ништо не ви значи, но сите кои се барем малку информирани за зимскиот туризам веројатно слушнале за човекот кој ги „реанимираше“ Копаоник и Јахорина, градејќи врвни скијалишта во екстремно куси рокови. „Јахорина е нашата нафта“, ќе каже овој млад човек, сега докажан стручњак, објаснувајќи го значењето на Јахорина за Република Српска. За две години интензивна обнова и инвестиции, Јахорина стана „фабрика“ која денес буквално ја „влече“ економијата на овој кантон на Босна и Херцеговина. Скијалиштето со олимписки бренд сега има најмодерна гондола со капацитет од 2.700 скијачи на час, ново вештачко езеро на врвот на планината, паркинг за 1.000 автомобили, 40 километри алпски и 10 километри нордиски патеки, 70-процентна покриеност на патеките со вештачки снег и нови системи на жичарници со капацитет од 13.000 скијачи на час. За споредба, одамна обновениот Копаоник, кој остварува близу 300.000 ноќевања само во една ски-сезона, има 44 километри алпски патеки и 22 километри нордиски патеки, голем дел од нив под вештачки снег.






За жал, Македонија е земја чиј премиер е убеден дека канабисот е „нашата нафта“. И дека сите ќе бидеме среќни и задоволни ако дома имаме по две-три саксии со марихуана, онака за лична употреба. Добро, не се бунам, можеби и ќе станеме такви, надувани и среќни во нашата сиромаштија и во сопствената неспособност да ги препознаеме нашите вистински потенцијали. Да, марихуаната можеби ќе нѐ усреќи, но нема да нѐ направи повеќе љубопитни, нема да ни го отвори умот, нема повеќе да научиме, за да откриеме каде се кријат нашите големи шанси.

Кога би биле такви какви што не сме, би можеле да научиме некои важни работи токму за зимскиот туризам. Да сфатиме дека во туристичките места крај сите наши езера, на чело со Охрид, извалканиот и посрамотен бисер на нашиот летен туризам, сезоната во најдобрите години не трае повеќе од 60 дена. Во сите обновени и модерни зимски туристички центри во регионот (а ги има многу), само зимската сезона трае од 90 до 120 дена. Цените на услугите се високи, а хотелските капацитети и скијалиштата вообичаено се преполни, па букингот почнува уште во септември. Се разбира, исклучок е оваа ковид-сезона, за која билансите допрва ќе бидат познати. Со еден збор, зимските центри навистина се вистински двигатели на локалните економии, вредат колку и нафтените наоѓалишта и рудниците. Примерот на Австрија покажува дека не претерувам – станува збор за една од земјите со најголеми приходи од туризмот во Европа, држава која нема море и туристички езера, а богами и не живее баш од марихуана.

Македонија нема зимски туризам. Попова Шапка, Маврово, Пелистер и другите места каде што има некакво скијање, всушност, не се зимски скијачки центри. Можеби биле пред 30, 40 или 50 години, но денес веќе не се. Како што не се ни Колашин и Жабљак во Црна Гора, на пример. Таму каде што нема вештачко заснежување на патеките и добра општа и скијачка инфраструктура (патишта, паркинзи, гондоли, жичари, ски-лифтови, ратраци итн.), сезоната трае кратко и зависи „од Господ“. Оваа година дури и во бугарските ски-центри сезоната почна некаде пред Новогодишните празници (очигледно е дека заснежувањето и кај нив треба да се модернизира), а кај нас и во Црна Гора скијање речиси и да нема. Сите се надеваат дека снег ќе падне во втората половина на јануари и дека можеби февруари и март скијачите ќе се порадуваат малку. Но, гости и преполни хотели (а кои хотели?) нема да има.

Вака туризам не се прави. Црногорците тоа го сфатија и веќе во оваа, 2021 година, најавуваат изградба на системи за вештачки снег на патеките во Колашин и во Жабљак. Во Македонија, за жал, никој ништо не разбира, или, поточно, се прави дека не разбира. Кај нас „борбата“ е кој ќе зграби повеќе од нашите прекрасни планини – кој ќе „урбанизира“ повеќе за да се градат викендички, кафеани и мотели кои служат главно за свадби и за проституција, кој ќе исече повеќе дрва, кој ќе лапне повеќе пари од странски фондации за божемни проекти за „заштита“ на планините, кој ќе дрдори повеќе дека Шар Планина требало да биде национален парк, а од скоро, кој најмногу ќе се офајди од најавената продажба на Попова Шапка.

Кога сме веќе кај продажбата на нашата зимска убавица, како што сега стојат работите, без развојни проекти за трансформација во модерен зимски туристички центар (и не само зимски), Попова Шапка ќе биде продадена евтино, дури можеби и на субјекти на кои изградбата на зимски туристички центар нема да да им биде приоритет. Парадоксално! Апсурдно!

А внимавајте, зборуваме за планина која европски стручњаци одамна ја споредуваат со Цермат на Алпите, за терен кој има потенцијал за изградба на 120 километри алпски патеки. Потребни се само 40 до 50 милиони евра почетни инвестиции во инфраструктурата на Попова Шапка и на Маврово, со кои сериозно можат да се „реанимираат“ овие скијалишта (пред сѐ, да се заснежат со вештачки снег), по што ќе дојде до очекуваниот развоен бум со приватни инвестиции. Конечно и најважно, зборуваме за нешто што може да се стори веднаш, брзо, за година или две, секако со помош на странски експерти кои си ја знаат својата работа и со несебична поддршка на локалните ентузијасти, кои ги има.

Патем речено, Турција овие години вложува неверојатни 50 милијарди евра во развојот на зимскиот туризам. Словенија исто така ги модернизира своите скијалишта. Бугарите, освен што го рекламираат она што го имаат (а имаат многу – Банско, Боровец, Пампорово) и нѐ канат на скијање дури и во оваа критична сезона, исто така планираат развој. Проектот „Брезовица“ на Косово заглави, но кај и да е, некој ќе се сети да го обнови. Не ми е познато што се случува во Албанија и во Грција, но не би ме чудело и таму нешто да се прави. Сакам да кажам, не сме сами во регионот, ние сме во сериозно компетитивно опкружување и својата шанса треба да ја искористиме веднаш.

Ама, кому да кажеш…

Поврзани содржини