Пронајдена турбина на урнатиот индонезиски авион
Нуркачите денеска тргнаа во потрага по црните кутии на авионот со 62 патници и членови на екипажот, што се урна во Јаванско море, соопшти морнарицата на Индонезија.
Индонезиски поморски тим извади турбина на авионот што се урна во саботата, кратко време по полетувањето од главниот град Џакарта, изјави денеска официјален претставник.
– Турбината е пронајдена од поморскиот брод Ригел опремен со тродимензионален сонар – изјави високиот офицер Ори Ронсумбре.
Претходно беа пронајдени делови од авионот и човечките тела за кои се веруваше дека биле во Боингот 737-500 на компанијата „Сривиџаја Ер“, кој исчезна од радарите во саботата, само четири минути по полетувањето од меѓународното пристаниште Соекарно-Хата.
Нуркачите денеска тргнаа во потрага по црните кутии на авионот со 62 патници и членови на екипажот, што се урна во Јаванско море, соопшти морнарицата на Индонезија.
– Утрово нашите нуркачи започнаа да работат на тоа подрачје – рече денеска вицеадмиралот Абдул Расид.
Војската во неделата објави дека се лоцирани црните кутии составени од снимачи на податоци за летови и снимачи на звук во пилотската кабина.
Засега не е позната причината за падот на авионот, но податоците на шведската мрежна страница Флајтрадар 24 покажуваат дека авионот одеднаш забавил и започнал да паѓа кратко по полетувањето.