Турција, Србија и Црна Гора главни дестинации за дочек на Нова година

Туристичките агенции нудат програми за патување, но со задршка за тоа дали ширењето на коронавирусот ќе дозволи тоа и да се реализира.

912

И покрај коронакризата туристичките агенции се обидуваат да ги намалат загубите и со прималива понуда за дочек на Нова година. Главно се нудат земјите од поблискиот регион Србија и Црна Гора, како и Турција. Одговорните во агенциите велат дека се свесни за состојбата и она што може да се случува во текот на следниот месец, но сепак имаат подготвени програми бидејќи има некаков интерес од граѓаните, кои засега само прашуваат што им се нуди, но не резервираат. Граѓаните, пак, се поделени во мислењето дали треба да патуваат во услови на високи бројки на заразени со ковид-19 во сите земји и се подрастичните мерки кои ги преземаат државите.

Туристичките агенции нудат програми за патување, но со задршка за тоа дали ширењето на коронавирусот ќе дозволи тоа и да се реализира.






– Периодов е многу специфичен. Не знаеме што ќе се случува. Наредните недели треба да видиме како ќе се однесуваат земјите и какви мерки ќе донесуваат па потоа да определиме дали ќе имаме понуда на патувања за дочек на Нова година. Притоа треба да бидеми реални и критички кон себе и кон граѓаните, ситуацијата е тешка и неизвесно е дали ќе можеме да реализираме патување и под какви услови ќе се одвива тоа. Најверојатно во втората половина на декември ќе се знае дали ќе може да се патува и каде – вели Аркан Керим од Агенцијата „Генералтурист“.

Според него, и да се организираат некакви патувања во овој период треба да се смета на тестови за ковид-19 кои ќе треба да ги прават граѓаните кои ќе одлучат да патуваат, бидејќи мерките што ги преземаат земјите стануваат се поригорозни.

– Турција викендите ги затвори, односно прогласи полициски час. Авионите ги сведоа на минимум летовите. Затоа мораме да чекаме. Дополнително нема ниту интерес. Никој не се јавува да пројави желба за некакво патување за Нова година и граѓаните чекаат да видат што ќе се случува – додава тој.

Дел од агенциите на веб страните веќе имаат објавени понуди за Турција, Србија и Црна Гора. Дел само за Турција и Србија, а поголемиот дел од агенциите како и Генералурист се во исчекување да видат какви мерки ќе се преземаат во земјите од регионот за да излезат со понуда, бидејќи во трошокот на секој патник ќе треба да се пресмета евентуално и тестот за ковид-19, но и дали ќе има карантин по излезот и влезот во некоја од земјите.

– Имаме понуда за 2 до 5 ноќевања со дочек на Нова година во Турција – Истан бул, Кападокија и Анталија. Има интерес од граѓаните – велат од Фибула Травел.
Зависно од хотелот цената се движи од 169 до 289 евра.

Во Савана турс, пак, велат дека има интерес од граѓаните за понудата која се однесува на Турција, Црна Гора и Србија, но е далеку под оној кој го имало за Нова година лани. Оваа агенција нуди аранжамани со автобуски, авионски и сопствен превоз. Петдневен престој со три ноќевања и автобуски превоз за Истанбул има цена од 149 евра, за Кушадаси 199 евра и шестдневно патување за Кападокија чини 229 евра. Цената е скоро двојна за патување во кое е вклучен авионски превоз за сите три дестинации, а слични се цените за сместување, ако се патува со сопствен превоз.

Автобуски превоз и тридневно патување со 2 ноќевања во Будва во Црна Гора е 99 евра, Тиват 109 евра, додека за Србија патување со автобус и две ноќевања чини 99 евра.

Некои од агенциите го нудат и Белград како една од опциите за дочек на најлудата ноќ каде што заедно со автобуски превоз цената е 89 евра.

Граѓаните различно гледаат на новогодишното патување. Некои од нив веруваат дека со мерктие што ги преземаат хотелите и со поригорозни мерки за патувањето можат да патуваат за Нова година. Други пак сметаат дека не е време за патување кога во сите земји се преземаат ригорозни мерки во борбата против ковид-19.

– Мислам дека и покрај неизвесноста околу ширењето на ковид-19 и мерките што ги преземаат земјите може да се патува и за Нова година и да се прослави овој ден. Но, сепак, зависно од мерките каков ќе биде тој дочек, ако нема луѓе и музика – вели Славица А.

Нејзината пријателка, пак, со спротивно мислење дека оваа Нова година треба да се скокне заради здравје на најблиските и за сопственото здравје.

– Гледаме како се полнат болниците кај нас и во регионот. Тоа е страшно. Па секакво движење со непознати и каков и да е организиран пречекот сепак не можеме да бидеме сигурни дека ќе останеме здрави. Затоа е подобро да останеме дома – вели таа.

 

Поврзани содржини