Велосипедската и пешачката патека одвоени со зеленило во Центар

382

Градот Скопје воведува нови стандарди во работењето при изградба и реконструкција на улиците, а според новите стандарди на квалитет се и широките тротоари и велосипедските патеки на булеварот 11 Октомври, 8 Септември, Партизански одреди, Даме Груев и други, соопшти денеска Градот.

– Мојата идеја е дека во следните две децении нашиот град треба да стане град со одржлив развој, град во кој надвор од автомобилскиот, секако мора да имаме соодветна инфраструктура и на алтернативниот сообраќај, пред сѐ, на велосипедскиот и на пешачкиот, како стандарди на коишто јас со граѓаните зборував во текот на мојата изборна кампања, а очекувам дека и граѓаните сакаат да ги применуваат. Ова е стандардот што веќе го работиме, гледате дека и центарот добива сосема нов лик и Скопје чекор по чекор станува онаков град каков што јас, меѓутоа и граѓаните на Скопје го замислуваме, а скопјани го заслужуваат – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.






На булеварот 11 Октомври, на потегот од булеварот Кочо Рацин до улицата Стив Наумов (Филип Втори Македонски) покрај коловозот се реконструирани и тротоарите и велосипедските патеки согласно со најновите стандарди за одржлива урбана мобилност. Велосипедската патека и тротоарот се доволно широки и физички одвоени со жардиниера со средишно зеленило или со дрворед за кои е поставен систем за наводнување капка по капка.

Велосипедската и пешачката патека од коловозот се одвоени со заштитни столпчиња што дополнително ја зголемува безбедноста на пешаците и велосипедистите. За пешачките патеки исфрлени се од употреба плочките што брзо се оштетуваат и користен е печатен бетон кој е поотпорен како материјал и поволен за пешачење.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Поврзани содржини