Дебарчанец позајмил автомобил и го продал за старо железо, прилепчанец позајмувал пари и не ги враќал
ДРОГА ВО ЏЕБОВИТЕ – На 15.10.2020 во 22.00 часот, полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица ги лишиле од слобода В.С.(27) и В.М.(22), двајцата од Македонска Каменица, затоа што при преглед кај нив биле пронајдени марихуана и прашкаста материја. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
КРИВИЧНА ЗА ДИЛЕР – ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.М.(38) од струшкото село Мислешево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 11.02.2020 на ул.„Пролетерски бригади“ во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.
МАРИХУАНА КАЈ ОХРИЃАНЕЦ – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Б.Н.(20) од Охрид, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, бидејќи полициски службеници кај Б.Н., при извршен преглед во такси возило во кое бил заедно со И.М.(38) од Охрид, пронашле и одзеле марихуана.
УАПСЕНИ ТРОЈЦА АЛБАНЦИ – На 15.10.2020 околу 13.45 часот во Маврово, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги привеле Г.Ш.(36), К.Т.(32) и К.Т.(30), тројцата од Република Албанија, поради сомнение за злоупотреба на туристичкиот престој. Албанските државјани се задржани во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка.
ГРАНАТИ ВО НИВА – На 15.10.2020 во СВР Битола, Н.С. од с.Карамани, битолско, пријавил дека во нива во атарот на селото пронашол две стари минофрлачки гранати од Првата светска војна калибар 75 мм. Гранатите се безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Увид извршила екипа од СВР Битола.
ИСТЕПАН НА БИТ ПАЗАР – На 15.10.2020 во 11.35 часот, Д.Ѓ.(30) од Скопје пријавил дека околу 11.30 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од неколку лица. Во врска со настанот бил приведен И.Ф. (56) од Скопје и се работи на расчистување на случајот.
ТЕПАЧКА ВО КАФАНА – На 15.10.2020 во 23.00 часот, Н.Д.(34) од Скопје пријавил дека околу 22.45 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Т.(20) и 16-годишник, и двајцата од Скопје. Сочинети се записници за константиран прекршок по член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
ЖЕНА НАПАДНАТА НА БИТ ПАЗАР – На 15.10.2020 во 15.30 часот, С.М.(54) од Скопје пријавила дека околу 13.00 часот на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од едно лице. Се работи на расчистување на случајот.
ИЗМАМА СО АВТОМОБИЛ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против А.Х.(31) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 03.08.2020, пријавениот позајмил возило „фолксваген голф“ од М.С.(29) од Гостивар, сопственост на таткото на неговата сопруга и наместо да го врати возилото, го продал во отпад за возила во Дебар, стекнувајќи се со противправна имотна корист во износ од 153.750 денари.
ПОЗАЈМУВАЛ, А НЕ ВРАЌАЛ – ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против П.К.(23) од с.Обршани, прилепско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“. Во период од една година и шест месеци, односно до пријавување на настанот во септември 2020 година, пријавениот, во повеќе наврати од оштетената В.Г. позајмил пари во вкупна вредност од 760.000 денари, со изговор дека ќе ги врати, но не ѝ ги вратил парите.
ОДДАВАЊЕ СЛУЖБЕНА ТАЈНА – СВР Струмица поднесе кривична пријава против Д.Д. од Скопје, правен субјект од Скопје и М.С. од Скопје, поради основи на сомнение за сторено кривично дело „оддавање на службена тајна“. На 14.07.2020 првопријавениот, сопственик и управител на второпријавеното правно лице, коe билo и сопственик на интернет-веб страна, како и третопријавениот, сопственик на друга интернет-веб страна, објавиле фотографија со податоци од класифицирани информации со кои располага само МВР, при што класифицираните информации ги направиле достапни на јавноста преку објавени содржини на уреден текст и фотографија на наведените интернет-веб страни.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 16.10.2020)