Комисијата до угостителите: Вирусот се шири на забави, а на кафеаните досега не им пречеа мерките

506

Комисијата за заразни болести е зачудена од нападите и квалификациите од страна на Независната угостителска комора со оглед на тоа што, како што велат, Комисијата во изготвување на сите протоколи досега активно комуницираше со сите чинители, вклучително и со угостителите.

„Протоколите се на сила повеќе месеци и Комората досега немаше проблем со истите, напротив го поздравија и се согласија со нивното носење. Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави.






При тоа, новите мерки и малата промена на протоколите апсолутно не го ограничуваат работењето на угостителските објекти кои и досега можеа да работат, туку превенираат поголеми собири и настани“, се наведува во реакцијата од Комисијата.

Оттаму потсетуваат дека во целиот свет и во Европа во моментов има есенски бран на болеста, а меѓу првите мерки е целосно затворање на баровите и рестораните, додека на многу места веќе има нови вонредни состојби.

„Целта на Комисијата за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи. Искрено се надеваме дека ќе имаме и понатаму успешна соработка и разбирање за одлуките бидејќи тие се исклучиво во насока на заштита на јавното здравје“, се додава во реакцијата на Комисијата.

 

Поврзани содржини