Филипче: Викендот ќе се знае дали и какви мерки ќе се воведат

701

 Министерот за здравство Венко Филипче, по денешниот состанок со Комисијата за заразни болести изјави дека денеска и утре треба да се направи детална анализа на епидемиолошките прашалници во секоја општина и градови, како и точен увид за начинот на трансмисија на вирусот, а согласно тоа да се разгледа дали и какви рестриктивни мерки треба да се воведат.

– Сакаме да се точно димензионирани и да ги препорачаме според овие податоци коишто ќе ги добиеме. Така што, и денеска и утре и во текот на викендот ќе работиме па ќе излеземе со соодветна препорака – потенцираше Филипче.






Тој, во однос на денешната висока бројка на новозаразени, во гостувањето во вестите на Сител телевизија, посочи дека бројката е навистина висока во однос на претходните денови.

– Јас на почетокот на минатиот месец најавив дека очекуваме есенски бран, очекуваме зголемување на бројот на случаите, најавив и дел од мерките, меѓутоа после оваа анализа на овие бројки во текот на викендов ќе знаеме точно дали и какви мерки во која општина ќе треба да препорачаме. Дозволете да апелирам уште еднаш – сите граѓани да ги почитуваат уште подоследно сега, превентивните мерки заради тоа што, еве, навлегуваме во период во којшто ќе се зголемува бројот на заразени  – истакна министерот за здравство.

На прашањето дали може да дојде и до затворање на училишта доколку се зголеми бројот на нови случаи, наведе дека планот за рестрикција вклучува затворање и на училишта и на градинки.

– Исто доколку е епидемиолошката ситуација стабилна во текот на месец ноември ќе бидат физички присутни и други групи на ученици во други одделенија. Така што, секојдневно ја следиме ситуацијата, ја гледаме по одделни општини, региони и градови. Мерките може да бидат и таргетирани, меѓутоа сето тоа зависи од тоа какви се епидемиолошките податоци во однос на тоа каква е трансмисијата на вирусот во одделни делови во земјава – одговори министерот.

Поврзани содржини