Николовски: Не може директорите да имаат поголеми плати од претседателот и премиерот

1,573

Никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот. Неприфатливо е да нема завршница на предмети, тоа предизвикува демотивација кај граѓаните. Институциите мора да бидат капацитетни и да одговорат на сите предизвици, еднакво кон сите. Мојот план е работите да се менуваат во тој правец, изјави  вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интервју во емисијата „Само интервју“, на ТВ Канал 5.

Тој порача дека примените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.






Осврнувајќи се на работата на министрите и директорите, како и за намалување на дискреционите права на функционерите потенцираше дека ќе бара од сите министри и директори висока отчетност за нивната работа.

– Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии. Не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност. Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста – не е до мене, до друг е. Мораме навиките да ги промениме секаде и затоа е оваа координативна функција воведена – рече Николовски.

Тој е задоволен од резултатот на изборите на кои СДСМ по 18 години освои победа на кои било парламентарни избори, а првпат победи од позиција на власт.

– На слободни фер и демократски озбори, граѓаните ни ја дадоа поддршката и го трасираа патот дека продолжуваме по евроатланскиот пат, ги поздравија одлуките по овие исклучително тешки околности по приемот во НАТО, почеток на преговорите со Европската унија, нагласи Николовски.

Победата, довербата и одговорноста ја добивме од граѓаните по носењето на  крупни историски одлуки, кои многу генерации на политичари одбегнуваа да ги носат, но се погоди оваа гарнитура, овие луѓе, кои храбро влегоа и ги донесоа одлуките, без оглед на рејтингот, на позициите, дали ќе продолжиме да ја партиципираме власта или не – тое се одлуки за иднината на сите генерации и сега треба да се свртиме кон внатрешните реформи, трансфомирање на системот и во овие години, во овој чист мандат секако дека ќе бидеме храбри, решителни, одлучни, бидејќи граѓаните еднаш ја даваат довербата и сметам дека не треба да ја изневериме, туку да ја оправдаме – порача Николовски.

Тој вели дека нудат чесни, одговорни и отчетни кадри и најавува дека неселективно ќе се борат против корупцијата.

– Верувам во капацитетот, верувам дека ќе понудиме чесни одговорни и отчетни кадри, дека многу работи ќе бидат променети, не само кај ДУИ, туку и кај СДСМ, сите треба да се менуваме да го менуваме начинот и менталитетот и како живееме и работиме, но сметам дека имаме стабилен партнер, нов чист четиригодишен мандат, во ко можеме да ги покажеме резултатите и да потврдиме. Тоа времето ќе го покаже, дека навистина ги почитуваме принципите на договорот и дека се држиме до темелите, до цели и вредности до она што сме се договориле да го градиме како стандард – потенцира Николовски.

Граѓаните,  дополни, си го кажаа својот збор на изборите, го покажаа патот, на кого ја даваат довебрата во рамки на политичките партии во парламентот и затоа коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, Коалицијата Можеме и ДУИ го дава мнозинството заедно со останатите и направивме коалициски договор кој нема ни еден националистички збор, порака, барање или било што.

-Јас ги водев преговорите, проинципиелно разговаравме со Артан Груби повеќе од 35-36 дена за темелите на колаицискиот договор, дека борбата против корупцијата мора да биде неселективна, дека граѓаните ја очекуваат правдата, дека само тоа е темелот на кој можеме да постигнеме договор –  рече Николовски

Поврзани содржини